Најмалку 51 лице загина, а десетици се водат како исчезнати во големите поплави што го зафатија југоистокот на Шпанија. Најпогодена е Валенсија и провинцијата Албасете. Голем број на луѓе ја минаа ноќта под отворено небо, заробени во нивните автомобили, на покриви на куќи или на мостови, чекајќи ги спасувачките екипи.
Поплавите го отежнаа патничкиот сообраќај, прекинаа некои од железничките линии, а дел од летовите беа откажани или пренасочени кон други аеродроми. Со одлука на градските власти на Валенсија, денеска не работат училиштата, затворени се и парковите и одложени се сите спортски натпревари на отворено.
Интензивните дождови се припишуваат на феноменот познат како „ладна капка“ кој настанува кога ладниот воздух минува преку топлите води на СРедоземното Море. Ситуацијата води кон атмосферска нестабилност, предизвикувајќи кревање на топол, заситен, воздух и создавање на кумулонимбус облаци што, пак, носат обилни дождови.
Шпанската влада ја активира процедурата за случаи со повеќекратни жртви, со цел брз одговор на размерите на катастрофата. Лидерот на партијата Вокс, Сантијаго Абаскал, пак, побара сите погодени подрачја да се прогласат за зони на катастрофа и побара итно активирање на сите протоколи за евакуација на регионално и локално ниво.
Државната метеоролошка агенција прогласи црвен аларм во регионот на Валенсија. Националниот железнички оператор потврди дека сите брзи возови меѓу Мадрид и во Валенсија се во прекин. Одлуката следуваше откако композиција со неколку вагони на релација Малага – Мадрид, во кои имало 291 патник, излетала од шините во јужниот регион Андалузија, но инцидентот, за среќа, минал без жртви.