Новиот лидер на СДСМ и мандатар за состав на нова влада Димитар Ковачевски пресекол пратеничката Славјанка Петровска да биде нова министерка за одбрана, велат за Фокус високи партиски извори, во пресрет на денешните состаноци на извршниот и централниот одбор на партијата, на кои треба да се потврдат кадровските решенија за новата влада.

Како што објави Фокус, во конкуренција за оваа позиција беа и државниот секретар во МВР Магдалена Несторовска, поранешниот шеф на кабинет на се уште актуелната министерка Радмила Шекеринска – Катерина Ставревска, како и вицепремиерот за антикорупција Љупчо Николовски.

Инаку, според информациите, Оливер Спасовски најверојатно ќе остане на чело на МВР, иако се повлече од потпретседателската функција во СДСМ, а Љупчо Николовски се повлекува од вицепремиерското место за борба против корупција и ќе се врати на позицијата министер за земјоделство, кое претходно го предводеше. Никола Димитров ќе замине од Владата, а на негово место како вицепремиер за европски прашања, ќе биде актуелниот министер за правда Бојан Маричиќ.