Откако на чело на СДСМ дојде Зоран Заев во 2013 година, беше воведена функција заменик-претседател, која првично ја вршеше Радмила Шекеринска, а потоа на нејзино место дојде Сања Лукаревска.

Иако долго време има различни размислувања на Бихаќка дали оваа статутарно предвидена партиска функција да се укине, сепак, тоа нема да се случи и со доаѓањето на Венко Филипче на лидерското место, наследувајќи го Димитар Ковачевски.

На утрешниот Конгрес на СДСМ, според неофицијални информации на „Фокус“, Филипче за заменик-претседател ќе ја предложи Фани Каранфилова-Пановска, која долго време е активна во граѓанскиот сектор, а меѓу другото, беше и директор на Фондацијата Отворено општество-Македонија.

Освен заменик-претседател, социјалдемократите на утрешниот Конгрес ќе избираат и Надзорен одбор, кој во текот на следната недела треба да избере нов Извршен одбор, по што ќе следува и избор на потпретседатели, генерален секретар, организациски секретари…

–На конгресот ќе се изберат членови на највисокото партиско раководство, како и одлуки за новите политики во иднина. За сите детали и сите имиња, јавноста ќе биде известена утре – изјави денеска портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.