Осомничените за киднапирањето и убиството на Вања и Панче, случај кој ја вознемири македонската јавност, ги застапува еден адвокат, одреден по службена должност, дознава ,,Фокус” од сигурни извори.
Откако осомничените беа уапсени, низ социјалните мрежи се ширеше апел ниту еден адвокат да не прифати ангажман, а на истото повикуваа дури и адвокати. Сепак, за да случајот добие судска разрешница, неопходно е осомничените да имаат бранители, поради тежината на кривичното дело и притворот, поради што и им е одреден по службена должност.
,,Фокус” засега нема да го објави неговиот идентитет, поради револтот на јавноста за овој случај.
Ова не значи дека истиот адвокат ќе ги брани осомничените и во судница. Нивните семејства ќе можат и лично да ангажираат адвокати, но поради сензитивноста на случајот, тоа нема да им оди лесно. Затоа поверојатно е дека ќе мора да ги застапува адвокат одреден по службена должност.
Имено, овие адвокати тешко можат да го одбијат ангажманот, поточно мораат да имаат добра причина, односно не можат да го сторат тоа поради убедување. Штом се достапни во моментот и одговориле на повикот мораат да си ја извршат професионално својата работна задача.
Првоосомничен за грабнувањата и свирепите убиства на 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски е Љупчо Палевски – Палчо, кој беше фатен во Турција и во моментов во тек е постапка за негова екстрадиција. Како соизвршители се гонат уште неколку лица, а на листата осомничени е и таткото на Вања кој според првичните сознанија од предистрагата, на Палевски му давал информации кога девојчето ќе биде само.