Низ вратите на „Ремедика“ поминале илјадници пациенти, дел на прегледи, а на голем дел од нив биле извршени и оперативни зафати. Но, „Фокус“ веќе објави дека во моментов „Ремедика“ ја тресе скандал, кој упорно 12 години се туркал под тепих од страна на надлежните институции.

Имено, оваа приватна болница, како што веќе објавивме, повеќе од една деценија работи во дивоградба, а истовремено има и забрана за вршење на здравствена дејност, која официјално со потпис и печат за првпат е ставена во 2019 година, а три години подоцна и се продолжува забраната и трае сè до денес.

Сепак, тоа не значи дека болницата на Јорданови ја почитува забраната. Тие без никаков проблем продолжуваат со работа, како да не постои тој документ. Во моментов, единствено дозвола имаат за гинекологија и хирургија, но не за ортопедија, физикална медицина, ОРЛ, неврологија, педијатрија, дерматовенерологија… Тоа, во превод значи дека низ годините илјадници пациенти се прегледани и оперирани на диво.

И, оттука нормално се поставува прашањето – кој ќе одговара што болницата не е запечатена со жолта лента досега и министрите за здравство не им ја одзеле дозволата, со оглед на тоа што со години работат незаконски? Или, пак, вината оди на сметка на ресорното Министерство, кое, и покрај многубројните барања на „Ремедика“, сè уште не излегле на терен и не го решиле проблемот?

Како и да е, пациентите се најмногу оштетени во приказната, бидејќи на тој начин животот им се изложува на опасност.