Додека американскиот заменик помошник државен секретар Габриел Ескобар беше во Скопје, во обид да ја поттурне процедурата за носење на уставните измени, освен политичката непомирливост, сигурно слушна и за мафијашки напад во центарот на Скопје среде бел ден, пишува ФОКУС.
Во трговскиот центар „Ист гејт“, каде што има огромен број камери, беше нападнат Раде Трајковски-Штекли. За среќа, немаше повредени или мртви, но овој напад се толкува како уште една порака што си ја испраќа македонското подземје меѓу себе.
Две маскирани лица, со фантомки на главите, вооружени со пиштоли со придушувачи и автоматски пушки, пукаа кон Штекли во подземните гаражи, во трговскиот центар. Пукањето се случи пет минути пред 16 часот, а напаѓачите излегле од автомобил „ауди А4“ караван со странски регистарски ознаки.
Пукале кон Штекли, кој си одел од вежбање од теретаната што се наоѓа во Трговскиот. Пукале, но не успеале да го повредат, бидејќи, неофицијално, бил во блиндирано возило.
Возилото со кое се превезувале напаѓачите, пак, идентично како и во другите криминални пресметки што се случија во изминативе месеци, беше најдено запалено кај езерото Треска кон Грчец.
Името на Штекли во последните години не се споменуваше многу често по медиумите, освен кога беше уапсен и екстрадиран. Неговото име не се споменуваше ниту во последните мафијашки пресметки, кои почнаа со убиството на Јетон Кривањева – Жила и Енес Исеинов-Љаци од криминалната група „Дуќанџик“.
Со двојното убиство во „Шиша бар“ под скопско Кале почна ново прегрупирање во скопското подземје.
Она што го поврзува нападот на Штекли и сите овие мафијашки пресметки за краток период е групата „Барон“. Оваа група е релативно нова и се „брендирала“ според кафуле што се наоѓа во Чаир.
Во неа членуваат повратници од боиштата во Сирија, истренирани борци, кои се борат да земат дел од криминалниот пазар.
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК