За СДСМ (поради сите погоре наведени причини), за жал, може да се дебатира единствено за долната граница на гласови, кои би можеле да ја освојат на претстојните парламентарни избори. И таа бројка веројатно нема да е пониска од катастрофата на Радмила Шеќеринска на предвремените парламентарни избори во 2008 година, кога СДСМ освои само 233.000 гласа, или двојно помалку од ВМРО, аналзиира неделникот ФОКУС.
Ова многу веројатно нема да се повтори, бидејќи тогаш СДСМ, сепак, беше опозиција со сериозни внатрешни поделби и со многу послаба меѓународна поддршка од сега.
Но, ете и бројот на гласови да се движи околу минимални 250.000, дури и тоа би било доволно тимот на Димитар Ковачевски да ги оствари своите скромни очекувања, а тоа е формирање или учество во каква било декларативно проевропска влада, па дури и таа да е широка заедно со ВМРО.
Ова е долната црвена линија што СДСМ мора да ја оствари за воопшто политички да преживее. Во спротивно, веројатно за првпат од 1943 година, оваа партија ќе стане егзистенцијално загрозена.
И кога го велиме ова, не се мисли ниту на Максим Димитриевски, ниту на Димитар Апасиев и на неговите, туку на огромната и доминантна внатрешна структура на стари повеќе генерациски членови на СДСМ, кои воопшто не се пронаоѓаат во актуелните политики.
Уште еднаш ќе ја споменеме годината 1943, кога во Тетово се собрале македонските комунисти за да направат четири работи. Да се одвојат од српските комунисти на кои дотогаш вештачки припаѓале и да ги интензивираат борбите против балистите во северозападна Македонија и против Бугарите во остатокот од земјата. И секако да ги помогнат нашите браќа во Егејска Македонија, каде што имало активна партизанска дејност.
Е денешнава СДСМ работи радикално обратно на сите овие четири постулати на нивните директни предци, и уште тоа го прави со ентузијазам и со дрска самодоверба.
Сака насилно да протурка договор со Бугарија, кој го негира токму НОБ, прави тектонски отстапки кон политичките наследници на балистичкото движење и потпиша договор со кој засекогаш се откажува од нашите Македонци во Грција.
Не е проблем само времето на НОБ, туку и дисконтинуитет со политиката на еквидистанца од времето на Киро Глигоров, па дури и поблагите принципи на внимателност во меѓународната политика што ги практикуваше Бранко Црвенковски.
Сега од сето тоа не е останато ништо и логично е што луѓето кои во партијата дошле во времето пред 1990 или барем пред 2017 да не се согласуваат со голем дел од овие политики.
Ѓаволот лежи во тоа што раководството на СДСМ, кое е традиционално составено од интелектуалци, знаеше цело време што прави и што се става на коцка. Но, нивната стратегија беше јасна, придобивките од НАТО и ЕУ евентуално ќе го разубедат народот на долг рок дека тие биле визионери од типот на Абрахам Линколн, кој дури свесно се само жртвувале за поголемо добро.
И овој дел од приказната веројатно никој не може да им го оспори, бидејќи барем теоретски се во право. Но, самата ЕУ, исто така, нема допирна точка со онаа ентузијастичко-идеалистичка унија со која го потпишавме договорот за Асоцијација и стабилизација уште во 2005 година и ни самите основачи на Унијата не знаат што да прават со нејзе ни на краток рок.
И сега испаѓа дека СДСМ буквално национално ја деформира државата и го загрози нејзиниот македонски карактер, а за возврат не успеа да донесе ништо назад.
Безбедната заветрина од бајките кон која искрено сакаа да нѐ однесат по секоја цена за благородно да нѐ заштитат испадна дека воопшто не постоела. И сега за брзо ќе се постави прашање кон што во иднина ќе се стреми СДСМ, нормално ако продолжи да постои.
Поради сево ова, не е претерување ако се каже дека на оваа партија навистина ѝ се заканува најцрно сценарио и дека тоа експресно ќе почне да се реализира уште во мај, ако навистина не успеваат да го убедат и домашниот и меѓународниот фактор дека ВМРО е опасност против која мора да се здружат сите политички сили. (извор: ФОКУС)