Пожарот кој веќе девет денови гори во Националниот парк Галичица се гледа и од охридската страна, откако претходно гореше од страната на Република Албанија и од врвот Магаро кон преспанската страна. Покрај густиот чад кој беше забележлив изминатите денови, сега се гледа и огнот. Граѓаните во текот на денот забележуваа и дека во Охридското Езеро се забележуваат саѓи и пепел од пожарот, како и мирис на чад.
Според директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов густиот црн чад најверојатно е предизвикан од од поголемиот број смреки и овој чад предизвикува силна вознемиреност кај граѓаните.
„Втората карактеристика на овој пожар, особено од охридска страна е што се слушнаа неколку детонации на неексплодирани минско-експлозивни средства, остатоци од војните кои се воделе на овој регион и фронтовата линија. Тоа дополнително го отежнува гасењето на овој пожар бидејќи мораме да почекаме истиот да се приближи кон шумата каде што е релативно побезбедно, затоа што на голиот појас, каде има претежно трева и грмушки и друга ниска вегетација, гасењето е ризично и опасно бидејќи постои можност од експлозии“, истакна Ангелов.