Францускиот активист Пјер Афнер наводно упаднал во вила поврзана со ќерката на рускиот претсдател, Владимир Путин.

Францускиот активист Пјер Афнер наводно упаднал во вила која е поврзана со ќерката на рускиот претседател Владимир Путин, Катерина (Екатерина) Тихонова во францускиот град Бијариц, јавуваат дел од литванските медиуми.

На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како Афнер наводно стои на тераса од вила со украинско знаме. Според некои медиуми, тој наводно рекол дека вилата е подготвена да ги прими жртвите на режимот на Путин, особено воените бегалци од Украина.

Оваа вила наводно е поврзана со пријателот на Путин Генадиј Тимченко, но и со поранешниот зет на Путин, Кирил Шамалов (поранешен сопруг на Катерина Тихонова). Како што се пишува, во вилата биле пронајдени наводно документи поврзани со ќерката на Путин, пренесува jauns.lv.

Ова вклучува копија од пасошот на Шамалов и полномошно потпишано во 2009 година од Тимченко на француски државјанин задолжен за поправка на вилата.

Францускиот регистар на недвижности покажува дека сопственик на вилата од 2007 година бил Тимченко, а од 2012 година наводно бил Шамалов.

Во 1996 година, политичарот Александар Белаев објави дека Путин инвестира во недвижен имот на атлантскиот брег на Франција. Тогаш се пишуваше дека станува збор за пари кои Путин наводно ги украл додека работел во градското собрание на Санкт Петербург.

И две други вили наводно поврзани со Путин се во Бијариц. Еден од нив наводно е во сопственост на поранешната сопруга на Путин, Људмила, а официјален сопственик е, како што се тврди, нејзиниот сегашен сопруг Артур Очеретни. По руската инвазија на Украина, активистите наводно ги обоиле ѕидовите во боите на украинското знаме.