На страницата на Министерството за внатрешни работи, во делот за потраги, помеѓу оние лица за кои е распишана меѓународна потерница можат да се сретнат сторители на тешки кривични дела, на убиства, на измами, перење на пари, кражби…
Помеѓу објавените фотографии и лични податоци на лицата по кои се трага, а кои успеале да побегнат од лицето на правдата има голем број на поранешни високи јавни функционери, а помеѓу десетиците сторители на кривични дела се наоѓаат и пет жени од земјава.
По нив се трага со години, поради сторени кривични дела за кои добиле високи затворски казни.
Валентина Миленковска (59) од Битола е една од жените по кои е распишана меѓународна потерница за издржување на казна затвор во траење од шест години. Таа се бара за сторено кривично дело по член 247 од КЗ на Македонија, односно за измама, во која е сторена штета која надминува значителна вредност. Станува збор за аферата тешка над 600.000 евра, со продажба на фиктивни станови, а која беше откриена пред околу 13 години.
Покрај Миленковска, со меѓународна потерница се бара и велешанката Сибел Кариманова (45).
Таа исто така се бара за издржување на казна затвор во траење од шест години, за сторено кривично дело по член 200 од КЗ на Македонија, односно за напуштање на немоќно дете. Делото датира од пред околу десет години.
И Неше Рамиз (40), родена во Србија, а живеела во Скопје, се бара за издржување на затворска казна. Нејзината казна затвор е во траење од седум години, за сторено кривично дело по член 394, по член 353 и по член 273 од КЗ на Македонија, односно за злосторничко здружување, злоупотреба на службена должност и овластување, и за перење пари и други приноси од казниво дело. Таа беше осудена во судскиот процес наречен ,,Пајажина” во 2012 година, односно за случајот во кој затворски казни добија Велија Рамковски, сопственик на згаснатата А1 телевизија, членови на неговото семејство и вработени во телевизијата.
Маријана Атанасоска (66) од Битола пак, се бара со меѓународна потерница за сторено кривично дело по член 353 од КЗ на Македонија, за издржување на казна затвор во траење од осум години.
Станува збор за делото злоупотреба на службената должност и овластување, односно за измама при купување на станови. Беше осудена во отсуство во 2009 година, заедно со нејзиниот сопруг Рокан Атанасоски, кој доби седум години затвор за злоупотреба на службената должност и за перење пари.
Последните информации за Маријана датираат од 2013 година, кога аргентински медиуми објавија вест дека сопружниците од Македонија, кои по бегството од земјава живееле во Аргентина, биле пронајдени убиени. Веста за наводното убиство на Атанасоски не беше потврдена од институциите, и податоците за нив се уште стојат на страницата за потраги.
Помеѓу жените по кои се трага, за издржување на највисока затворска казна во траење од девет години, со меѓународна потерница се бара велешанката Лејла Бајрамова (38). Таа се бара за сторено кривично дело по член 200 од КЗ на Македонија, односно за напуштање на немоќно дете. Случајот датира од пред десет години.
На страницата за потраги, МВР има упатено јавен апел до граѓаните кои имаат информации за вие лица, да ги достават до најблиската полициска станица.