Медиумите во Шведска деновиве известуваат за трагедијата која се случила на осми јануари во апартман во областа Розенлунд. Како што пренесуваат, татко се обидел да го убие 10-годишниот син во семејниот апартман, а потоа повикал полиција.
Мажот бил сам во домот со своето дете и го чувал, кога го извршил делото. Потоа, според пишувањата на бројните шведски медиуми, во полиција тој кажал дека подолг период му доаѓале мисли да го убие синот. Веста за настанот е објавена и во полицискиот билтен на Шведска.
– Полицијата е повикана во областа Розенлунд во 10.55 часот со информација за многу тешко повредено лице во стан. Кога полициските патроли пристигнале во станот, затекнале малолетно момче со повреди опасни по живот и возрасен маж.
Момчето со хеликоптер на брза помош било пренесено во болница додека му биле извршувани мерки за одржување во живот, но сепак неговиот живот не можеше да се спаси.
Мажот кој беше во станот е уапсен и осомничен за делото и се изврши увид. Во тек се и други мерки како дел од кривичната истрага. По одлука на обвинителот, мажот е во притвор – наведено е во полицискиот билтен.
Деновиве на социјалните мрежи кај нас се актуелни реакции на лица кои го познавале семејството, и кои тврдат дека станува збор за луѓе од Кочани кои живееле и работеле во Шведска.
Убиеното момче било нивно единствено дете. Се објавуваат и фотографии од семејството. Шведските медиуми објавија и репортажа од училиштето каде момчето посетувало настава, како и изјава од директорката на истото.
Таа кажа дека стручни тимови на психолози работат со останатите ученици по трагичниот настан и сите се вознемирени од трагедијата. Идентитетот на жртвата и на убиецот се уште не се објавени во тамошните медиуми, но се објавија фотографии од таткото додека го носат на распит.
Од Министерството за надворешни работи за ,,Фокус” изјавија дека ги контактирале надлежните институции и нашата Амбасада во Шведска, од каде очекуваат повратни информации во врска со случајот.