Хрватите денеска успешно ги бојкотираа трговските синџири, продавниците и бензиските пумпи, револтирани од високите цени, кои според нив, се значително повисоки од соседните земји. Прометот кај овие трговци денеска е за 20 милиони евра помал во споредба со минатиот петок!
Хрватската даночна управа соопшти дека вкупниот број на издадени сметки во трговијата на мало денеска до 16 часот е за 43 отсто помал од минатиот петок, а вкупниот промет на фактурите е помал за 50 отсто.
„Во петок, 24 јануари 2025 годна до 16 часот вкупниот број на фискални сметки е 1.479.587, а прометот е 19.573.948,68 евра. Минатиот петок, на 17 јануари до 16 часот беше остварен промет од 39.247.711,69 евра“, соопшти хрватската даночна управа.
Поради високите цени на храната, денеска во Хрватска се одржа еднодневен бојкот на продавниците, трговските синџири и на бензинските пумпи.
Хрватските портали од утрово објавуваат фотографии од празни продавници и трговски синџири ширум земјата, како и од празни паркинзи.
Граѓаните велат дека се фрустрирани од високите цени. Некои изјавуваат дека и утре нема да купат нишшто.
Бојкотот беше промовиран на социјалните мрежи од страна на платформата за потрошувачи „Ало, инспекторе“, која е поддржана од Европскиот центар за извонредност на потрошувачите. Бојкотот го поддржаа здруженијата за заштита на потрошувачите, синдикатите, политичките партии, па дури и поединечни министри, што, пак, опозицијата го опиша како лицемерие.
„Бојкотот е силна порака до оние кои досега не направиле ништо, за да иницираат механизам за борба против инфлацијата и против зголемувањето на цените. Тргнете се!“, пишува на Фејсбук платформата „Ало, инспекторе“.
На платформата многу граѓани објавија фотографии од празни продавници, во кои само повремено влегуваат купувачи.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ на владина седница изјави дека бојкотот на продавниците поради високите цени е „важна и артикулирана порака од граѓаните што ќе се земе предвид“.
Тој рече дека Владата со низа мерки го заштитила животниот стандард на граѓаните од високите цени и најави нова ажурирана листа на производи, чии цени ќе бидат ограничени следната недела.
Пленковиќ нагласи дека Владата претходно повикала на „одговорно однесување кон граѓаните“ во разговорите со трговците, дистрибутерите и производителите.
Многу Хрвати денеска пазаруваа во Словенија и во Италија.
Малопродажните синџири не сакаа да коментираат за денешниот бојкот на продавниците во петокот, но тврдат дека и покрај предизвикувачкото деловно опкружување, со континуирани промоции се обидуваат да се прилагодат на потребите и можностите на клиентите.