Битолската група ,,Молика” го најави својот настап во Германија на 16-ти декември, а нивна вокалистка ќе биде Сузана Гавазова. Со популарната пејачка од струмичко тие веќе имаа заеднички настап пред неколку дена во Скопје, и од видео снимките кои се споделуваат на социјалните мрежи, може да се забележи дека Гавазова одлично се вклопила во групата, објавува ФОКУС.
Дали станува збор за примвремена соработка, или пак Сузана ќе стане дел од ,,Молика” се уште немаат огласено ниту таа, ниту пак од групата. Инаку, на чело на ,,Молика” долги години беше Анета Љумаковска, која по разводот со фронтменот на групата, Џими Мицевски, продолжи со соло кариера.
Како што појаснија поранешните сопружници, заедно ќе ги одржеле претходно договорените настапи, а потоа секој продолжувал по својот пат. Парот беше заедно 22 години и имаат една ќерка. Мицевски пак, од првиот брак има син, кој исто така е музичар. Неодамна во интервју за магазинот ,,Бекстејџ” на прашања околу причините за разводот, Анета изјави дека не може да му се нареди на срцето некого да сака.
– Немам што да изјавам, што да кажам. Се што треба да се дознае, ќе се дознае, тоа не е никаков проблем, меѓутоа секогаш не знам зошто за развод причината треба да е неверство. Може да е губење на чувства, може да се некои други проблеми, проблеми што се во фамилијата, дали од моја страна или од другата страна, не мора да значи дека е неверство. Се може да биде опфатено и се може да е причина, губење на чувства пред се, не можеш ти да му наредиш на срцето, дали некој да сака или да нејќи. Едноставно ете се деси, не знам ни јас што се случи, требало така да биде, како што кажав не сакам да навлегувам, а и не осеќам потреба дека треба толку да давам изјави, да објаснувам, што беше и како беше. Гледам од сега и понатаму да си го живеам животот како што јас сакам, како што треба да го живеам. Не се вртам назад, рече Анета.