Објавени се нови детали од страшната сообраќајна несреќа во Хрватска во која загинаа две млади сестри на возраст од 21 и 25 години од месноста Каштела. Девојките 40 минути по полноќ се враќале од роденден, а веднаш откако свртеле на патот за Триље, во нив удрил мерцедес управуван од 19-годишно момче. Во несреќата тој е повреден.

Како што се наведува, на 09.06.2023 година, дежурниот заменик општински државен правобранител во Општинското државно правобранителство во Сплит, во соработка со полициските службеници на Сплитско-Далматинската полиција, Полициската станица Сињ и постојаниот суд сообраќаен вештак, изврши увид за сообраќајната незгода што се случи на 09.06.2023 година во 00:43 часот.

Според досега прибраните податоци, утврдено е дека автомобил шкода влегол во сообраќајот од паркингот во правец на југ, односно во правец кон Сплит, на тој начин што завртел лево, додека автомобилот мерцедес се движел по коловозната лента кон исток, од југ кон север, односно од Сплит кон Сињ по патот Д1. Дошло до судир на предниот дел на возилото „Мерцедес“ и на предната лева страна на возилото „Шкода“, соопшти ДОРХ, додавајќи дека во сообраќајната несреќа загинале двете девојки кои биле во возилото „Шкода“.

Во рамки на истрагата, дежурниот заменик нареди обдукција на телата на жртвите, собирање крв и урина на учесниците во несреќата, снимки од надзорните камери и изготвување сообраќајно-техничко вештачење, по што тој ќе продолжи со понатамошни увиди за утврдување на сите околности на сообраќајната незгода.

Од соопштението на ДОРХ може да се прочита дека сестрите во шкодата непрописно влегле на патот, не пропуштајќи го мерцедесот кој се движел по главниот пат. Но, за да се утврдат сите околности на сообраќајната несреќа, вклучително и дали е виновен и 19-годишниот возач на мерцедесот, сепак треба да се утврди брзината на мерцедесот и дали бил под дејство на алкохол. Како што соопштија од ДОРХ, ќе се проверува и присуството на алкохол кај починатите сестри.

Фотографиите од местото на настанот покажаа дека шкодата во која се наоѓале сестрите била однесена најмалку 30 метри. За силината на судирот на местото на настанот посведочил и моторот од шкодата, кој бил исфрлен во судирот на двете возила. Истрагата траела до 4 часот и 40 минути, а ја вршел заменикот на општинското државно правобранителство од Сплит во соработка со полицијата на Сињ и за тоа време сообраќајот се одвивал по една коловозна лента.

Белата шкода во која загинаа сестрите е целосно уништена. Моторот испаднал од шкодата и завршил на дваесетина метри од автомобилот. Уништен е и црниот мерцедес што го управувал младиот човек.