Во косовскиот град Подуево беше поставен транспарент со фотографија на Фатон Хајризи, кој беше убиен од српската полиција во Лозница, откако уби еден, а рани уште еден полицаец на српското МВР.
Фотографија од транспарентот е објавена на неколку локални Фејсбук страници.
„Две раце за една глава и глава за татковината“, пишува на транспарентот. Транспарентот го има и амблемот на Ослободителната војска на Косово (ОВК).
Да потсетиме, Фатон беше убиен на 19 јули во акција на Специјалната антитерористичка единица на МВР на Србија. Претходно Хајризи го убил српскиот полицаец Никола Крсмановиќ и го ранил Вјекослав Илиќ кој го запрел автомобилот во кој се наоѓал.
Хајризи на 6 јули избега од КПУ Смреконица, што беше негово деветто бегство од затвор. Тој беше осуден на 27 години затвор за убиството на рускиот војник на КФОР кај Дреница пред две децении, а неколку пати беше апсен за злосторствата што ги направил.