Се урнал таванот на манастир каде се одржувала свадбена веселба во италијанскиот град Пистоја. На местото на несреќата има над 100 спасувачи.

Најмалку 35 лица се повредени, од кои шест се во тешка состојба, а меѓу повредените има и деца откако таванот на манастирот се урна врз гостите на свадбената веселба, пренесува италијанскиот tgcom24. Меѓу хоспитализираните се младоженецот и невестата.

Несреќата се случила во Понтелунг, на периферијата на градот, во некогашниот манастир Џакерино, кој се користел како место за забава.

Уривањето се случило во салата на првиот кат од поранешниот манастир. Некои гости ја напуштија забавата, но околу шеесетина луѓе, главно млади луѓе, останаа во салата и танцуваа кога таванот одеднаш попушти. Урнатините ги затрупаа оние кои случајно се нашле под таванот во тој момент.

На местото на несреќата веднаш пристигнале десетици амбулантни возила, пожарникари, полиција, карабинери и сообраќајна полиција. Дванаесет повредени се пренесени во болницата Сан Јакопо во Пистоја, а другите во болниците Лука, Пеша, Прато, Кареги и Торегали. На местото на несреќата пристигна и градоначалникот Алесандро Томази.

– Сите болници се алармирани за навремено спасување и помош за да се згрижат што повеќе пациенти – рече тој.