Српскиот политичар Срѓан Ного на Твитер објави фотографија од возилото со кое беше киднапирана, а потоа убиена Вања Ѓорѓевска, но и најави дека утре ќе ги објави сите фотографии.

Според датумот на првата фотографијата, преземена од снимката од безбедносните камери, таа е направена утрото кога Вања била киднапирана, во 07:34 часот.

На друга фотографија направена од безбедносните камери на бензинската пумпа (без датум) се гледа ликот на човекот кој го управувал автомобилот, а кој наликува на убиениот Панчо Жежовски.

На Фејсбук профилот на Жежовски во ноември е објавена фотографија на која убиениот фризер носи дуксер налик на оној кој може да се забележи на нечистата фотографија објавена од Ного, па сосема е извесно дека возачот на втората фотографија е убиениот Жежовски, но клучното прашање е кога е направена фотографијата.

Бидејќи снимката нема датум, отвора простор за разни шпекулации и манипулации, но останува утре да видиме какви информации ќе објави Ного.

– Јавното обвинителство ги има обезбедено сите потребни докази за утврдување на траекторијата на движењето на осомничените. Од тие причини не постои никаква опасност за компромитација на истрагата со објава на снимки од видео надзор на објекти. Сепак, лицата кои ги објавуваат овие видео снимки треба да размислат за етичноста на ваквите објави и за вознемирувањето што го предизвикуваат кај семејствата на жртвите, велат од Обвинителството.