Околу 28.000 демонстранти излегоа на улиците на Билбао, баскиски град во северна Шпанија, барајќи статус на „нација“ за Баскија. Протестот е организиран од партијата ЕХ Билду, која се залага за независност на автономната покраина со 2,2 милиони жители, една недела откако шпанскиот премиер Педро Санчез ѝ вети на Баскија поголема автономија. „Ние сме нација“, гласеше транспарент на чело на колоната од луѓе кои веат зелено-бело-црвени баскиски знамиња.

По изборите пред четири месеци, социјалистот Санчез во четвртокот освои нов четиригодишен мандат, бидејќи неговата малцинска левичарска коалициска влада беше поддржана од ЕХ Билду и Баскиската националистичка партија (ПНВ).

За возврат, тој вети дека ќе ѝ даде статус на „нација“ на Баскија, на што поборниците за независност инсистираат со децении, и побара од Брисел да ги направи баскискиот, каталонскиот и галицискиот официјални јазици на Европската унија. „Мандатот на новата влада ќе биде обележан со дискусии за мултинационалноста и националното признавање на Баскија, како и на другите народи во државата Шпанија“, изјави Аналдо Отеги, лидер на ЕХ Билду.

„Ова е историски момент… Во игра е импулсот што го охрабруваме со децении народите во Шпанија да бидат слободни и еднакви“, додаде тој.

Тој политичар беше поврзан со поранешната баскиска вооружена сепаратистичка група ЕТА, која од 1959 до 2011 година се обидуваше да ја основа Баскија на северот на Шпанија и југоисточниот дел на Франција преку бомбашки напади и вооружени напади.

Договорот за кој Санчез преговараше минатата недела со застапниците за независност во Баскија и Каталонија, на кои им беше ветен закон за амнестија за организирање на забранетиот референдум за независност во 2017 година, предизвика револт кај шпанската десница.

Вчера во Мадрид, 170.000 демонстранти се собраа под слоганот „Не во мое име“, обвинувајќи го Санчез за предавство. Вечерта дел од демонстрантите шеснаесетти ден по ред дојдоа пред седиштето на неговата социјалистичка партија каде се судрија со полицијата која зад железни огради ја чува зградата.

Шпанската десничарска партија Вокс, трета по големина во парламентот, повика на продолжување на протестите во наредните денови. Нејзиниот лидер Сантијаго Абаскал од плоштадот во Мадрид објави дека Санчез врши „државен удар“.

Шпанската социјалистичка работничка партија (ПСОЕ) на Санчез и помалиот коалициски партнер Сумар имаат 152 претставници во 350-члениот парламент. За да ги добијат потребните 176 гласа, тие ќе се потпрат на поддршката на сепаратистичките партии на Баскија, Каталонија и Галиција.

Тие три автономни провинции имаат своја влада, парламент и полиција од 1978 година, а нивните јазици се официјални заедно со кастилскиот и шпанскиот.