Триесет и двегодишниот Ведат Адеми починал во болницата во Куманово, само еден час откако му била поставена венска линија за администрирање лек во кој имало аналгин, потврди директорот на болницата доктор Стефан Трајановски.
Во неговата медицинска историја имало податок дека додека се лекувал во Германија, пројавил реакција на лек аналгин, ама до тој податок немало потпис и печат од докторот. Не е сигурно дали анафилактичен шок е причина за смртта и тоа ќе се утврдува со обдукција што ќе биде спроведена на Институтот за судска медицина. Директорот вели дека ги известил и судот и обвинителството но дека не сака да прејудицира за причините без да има наод од судска медицина.
-Пациентот е дојден во вечерните часови околу 7 часот, со стомачни тегоби и му била ординирана терапија во дневната болница поради акутно воспаление на жолчката. Наредниот ден имал повторно закажан термин во 7 часот наутро да прими терапија. Дошол во 11 часот кога му била вклучена терапијата. Неколку секунди по поставувањето на интравенската линија почнал да се жали на градна болка. Веднаш болничарката ја затегнала интравенската линија, сестрата дошла и ја исклучила терапијата. Известени се дежурни лекари и анестезиолог дека дошло до престанок на дишењето и на срцевата работа. Пристапено е кон оживување без резултати и за неполн час починал, изјави за „Слободен печат“ доктор Трајановски.
Таткото на Ведат Адеми (Амет Адеми) за ТВ 21 изјави дека син му починал поради алергиска реакција на терапијата што му ја администрирале. Директорот Трајановски на прашањето на „Слободен печат“ дали терапијата што пациентот ја примал вечерта кога првпат дошол во кумановската болница и утредента во 11 часот била истата, не беше сигурен.
Настанот е евидентиран во билтенот на Министерството за внатрешни работи.
„На 17.03.2025 во 11.35 часот во СВР Куманово, од Општа болница Куманово било пријавено дека во болницата со влошена здравствена состојба бил донесен В.А.(32) од Куманово, по што му била дадена терапија, но по кратко време починал. По наредба на јавен обвинител телото било предадено за обдукција, а полициски службеници од СВР Куманово извршиле увид и извршиле разговор со сите присутни медицински лица. Се работи на расчистување на случајот“.
Министерот за здравство Арбен Таравари формирал посебна комисија а и Државниот здравствен санитарен инспекторат ќе утврдува дали постоеле неправилности во лекувањето,објави Слободен печат.