Во Основниот суд во Куманово продолжи судењето на бугарскиот државјанин Предраг Миленков (60) од Софија, кој ja измамил Г. В. (66) од Куманово за 30.000 евра, објави СДК.мк. Тој и други непознати лица на 31 јануари годинава ѝ се јавиле на телефон и побарале да им исплати поголема сума пари за да ја спасат нејзината ќерка од затвор затоа што прегазила 20-годишен мигрант. Парите ги презел Миленков, кој на 12 февруари бил уапсен.

На вчерашното рочиште беа прикажани снимки од камери, на кои се гледа како обвинетиот ги зема парите, а потоа на автобуската станица купува билет за да оди во Скопје.

Миленков пред судот не призна дека е дел од организирана група измамници, туку тврди дека и самиот бил жртва затоа што во потрага по работа како возач преку Фејзбук го запознал Ѓорѓи Ганчев од Бугарија, кој го искористил за неговите дела. Тој го ангажирал да дојде во Куманово за да земе документи од жена со која имал деловна соработка. Откако ја презел торбата во која не знаел што има, додека се враќал со такси видел дека наместо хартии, во најлонската кеса има поголема сума денари. Кога стигнал во хостелот го Скопје, прашал што треба да прави со нив, по што добил насока да ги однесе во Софија.

Loading...

„Прво ми кажа дека треба да земам документи, а потоа дека неговата фирма ѝ префрлила пари на госпоѓата, кои таа треба да му ги врати. Кога го прашав како ќе пренесам толку пари преку граница, ми рече да не се секирам, бидејќи таму има свои луѓе. Јас со Ѓорѓи Ганчев не сум се сретнал лично, туку само по телефон зборевме. По неговите инструкции ги оставив парите во една уличка кај автобуската станица во Софија покрај стар автомобил, темнина беше“, кажа Миленков.

На прашање на обвинителот ако веќе знаел дека зема документи, зошто не се поздравил и запознал со жената која му ги дала парите, тој кажа дека му рекле што помалку да комуницира.

„Имав инструкции од детето да не зборувам многу. Се сомневав дека нешто не е во ред. Но, тој беше многу слаткоречив. И сето време ми велеше да не се секирам, тој стои зад мене“, тврдеше Миленков, кој му се извини на семејството и кажа дека не знаел за измамата.

„Се каам за тоа што го направив. Јас сум човек од 60 години и јас сум измамен. Не знаев дека Ганчев се занимава со измами и сакам полицијата да го фати и да се соочам со него. Јас имам мајка од 80 години и знам како би се чувствувала таа некој да ѝ го направи истото. И жалам за тоа што направив“, кажа обвинетиот.

Во завршните зборови обвинителот побара казна која ќе ја постигне целта, бидејќи смета дека Миленков не ја зборува вистината оти не можел да биде марионета на некое лице што не го познава за да направи ваков вид на кривично дело. Како дел од групата измамници, кажа обвинителот, тој ја имал најзначајната улога на земање на парите и нивно пренесување преку граница.

„Високата казна треба да биде поука и за другите луѓе кои извршуваат вакви дела, бидејќи се оштетени голем број на граѓани во земјата“, кажа обвинителот.

Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда и смета дека нема докази за делото измама, бидејќи обвинетиот бил уверен дека парите се предмет на трансакција помеѓу правно лице од Бугарија и госпоѓата. Пресудата ќе биде донесена в понеделник.

На првото рочиште искази дале тројца сведоци од оштетеното семејство. Тие кажале дека на домашниот телефон на мајката се јавила жена која плачела и пискала, наводно ќерката која го прегазила мигрантот, по што разговорот го продолжил маж кој побарал од неа 50.000 евра. Кога жената рекла дека нема толку пари, измамникот ѝ рекол дека има нејзиниот син, кој се јавил од работа и рекол да им ги даде сите пари што ги имаат дома за да ја спаси сестра си од 15-годишен затвор. Исплашената жена ја собрала сета заштеда на синот во денари и евра и ги однела парите кај измамникот, кој чекал недалку од куќата. Тајната лозинка била Николовски. Кога се вратила дома, сопругот веќе разговарал со ќерката која кажала дека се измамени, по што пријавиле во полиција.

Две недели потоа, Миленков бил уапсен и кај него биле пронајдени 75 банкноти од 50 евра.

Во јануари и февруари шестмина повозрасни жители на Куманово исплатиле 45.850 евра на измамници, кои по телефон им се претставиле како полицајци и се понудиле да им помогнат нивните деца да не одат во затвор откако со автомобил прегазиле човек.