Момчето и девојката кои до смрт го претепаа хрватскиот ракометар, ќе чекаат судење во Шутка. Главниот виновник, нивниот другар, Анџело Ѓорѓиевски, кој избега истата вечер, се` уште е во бегство.
За обвинителите доказите се неспорни, а постои и снимка, од која се гледа дека, кобната ноќ, околу 3 часот и 30 минути пред ноќен клуб во Градскиот парк во Скопје, дошло до расправија помеѓу Денис Тот и тројцата осомничени, при што тие го нападнале и му нанеле повеќе удари со боксови и клоци, по што тој паднал во бессознание.
Обдукцијата покажа дека смртта настапила насилно, а првичната изјава на директорката на Карил, дека на телото нема видливи знаци на насилство, што подоцна беше пренесена и од МВР, предизвика забуна и бројни шпекулации.
Денеска повторно се огласија од Карил, со тврдење дека на телото немало видливи повреди.
Примен е во Ургентниот центар без срцева акција и знаци за живот, по што дежурните лекари се обиделе да го реанимираат.
По половина час е воспоставена срцева акција и направена е компјутерска томографија на целото тело.
Повикани биле и екипи од Неврохирургија, од абдоменална хиругија, торакална и трауматологија за да се изјаснат по однос на наодот од компјутерската томографија.
Подоцна е префрлен на Карил, но починал околу пладне, по неколку дополнителни реанимации.
За да се разрешат дилемите, Министерство за здравство соопшти дека Државниот санитарен и здравствен инспекторат ќе спроведе вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третман на младиот ракометар.
Во меѓувреме, партиите се испокараа во чии редови е убиецот? Опозициската ВМРО ДПМНЕ отвори дилема, дали МВР му дале простор да избега затоа што е припадник на нарко-картел близок до министерот Спасовски од СДСМ?
Социјалдемократите, пак, нашле негова слика со партискиот лидер Мицкоски и обвинија дека ВМРО ДПМНЕ си ја ишкаат мувата од капата, прашувајќи дали избеганиот е нивни поддржувач и активист?