Синоќа пред полноќ на булеварот „Никола Карев“ имало пукање со огнено оружје во кое 29-годишник почина, а двајца се повредени. Едно од трите лица е пренесено во Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“.

Директорот на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ доктор Љубен Арсенков за „Слободен печат“ вели дека пациентот кој е пренесен во градската болница е опериран и во стабилна состојба.

Од Министерството за внатрешни работи за „Слободен печат“ велат дека во 23 часот и 40 минути во СВР Скопје било пријавено дека на бул. „Никола Карев“ во Скопје имало пукање.

Во 23 часот и 45 минути од Градската болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје бил донесен 24-годишниот Т.А. од Скопје. Во 23 часот и 51 минута од Комплексот клиники „Мајка Тереза“ било пријавено дека кај нив со повреди од огнено оружје биле донесени 19-годишниот О.Б. и 29-годишниот А.И. Двајцата се од Скопје. По укажаната помош А.И. починал 45 минути по полноќ. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и расчистување на случајот.

ТВ 21: Ова е убиениот млад пејач

Амар Исмани од Скопје популарен пејач е жртвата по синоќешното пукање на Пластичарска улица, дознава ТВ21.

Првично избувнала тепачка меѓу неколкумина млади луѓе, а потоа дошло до пукање.

Амар Исмани беше пејач со многу популарни видеа, поставени на видео-платформата јутуб.