Полицаецот во пензија Милета Д.(52) синоќа во подгоричката населба Толоши ги убил сопругата Вера Д.(50) и нивниот син Ѓорѓе Д.(12), а потоа се самоубил. Според првите информации од Полициската управа, се наведува дека мотивот за двојното убиство било тоа што не можел да се избори со болеста на синот.

Никој не можеше да претпостави дека некој кој по пензионирањето работел како чувар ладнокрвно со пиштол ќе ја убие сопругата Вера која работела како учителка во основно училиште и нивниот малолетен син. Да потсетиме, семејното злосторство се случило половина час по полноќ. Во соопштението на Полициската управа, се наведува дека М.Д., бил нивен службеник во пензија, додека В.Д., просветен работник.

– Увид на лице место изврши државен обвинител при Вишото државно обвинителство во Подгорица со учество на балистички вештаци и службеници на Одделот за безбедност во Подгорица – соопштија од полицијата. Како што наведуваат, според засега достапните информации, пиштолот што бил употребен како средство за извршување на ова кривично дело бил во приватна сопственост.

„Се слушна бучава, а потоа и пукотници“

Неутешните соседи велат дека не можеле ни да помислат дека може да се случи вакво злосторство.

– Од нивниот стан можевме да слушнеме бучава од расправии, а потоа и истрели, но не ни помислувавме дека се случило такво злосторство. Ова е нечуено, цело утро не можеме да се опаметиме. Тие беа нормално семејство, тој пензиониран полицаец, а сопругата воспитувачка. Можеби имале проблеми, но ништо не може да биде причина за овој хорор што се случи – велат за РИНА соседи кои исто така живеат во улицата Требињска.

Ќерката била во куќата?

Според се уште официјално непотврдени информации, во станот во моментот на злосторството била и ќерката, која успеала да побегне од станот. Оваа информација се уште не е потврдена од Управата на црногорската полиција во своето соопштение.

Двојното убиство и самоубиство било извршено со огнено оружје, кое законски го поседувал М.Д.