Федералната агенција за воздушен транспорт потврди дека шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин загинал во авионот што денеска се урна во областа Твер.

Росавија објави список на сите патници во деловниот авион што се урна 60 милји северно од Москва. Покрај Пригожин, меѓу патниците на списокот се и: Сергеј Пропустин, Евгениј Макаријан, Александар Тотмин, Валери Чекалов, Дмитриј Уткин и Николај Матусеев.

Членовите на екипажот кои биле во авионот во моментот на падот се: командантот Алексеј Левшин, копилотот Рустам Каримов и стјуардесата Кристина Распопова.

Младиот Каримов не знаел кој е на списокот на патници

Рустам Каримов (29), пилотот на Ембраер кој вчера се урна во Русија, почнал да работи во компанијата пред само три месеци, изјави неговиот татко. Како што вели таткото на Рустам, непосредно пред летот и се јавил на мајка си и и рекол дека оди на патување. Немаа поим дека никогаш повеќе нема да го видат.

Авионот се урнал на 23 август во вечерните часови во областа Твер, а Шукур Каримов потврдил дека со авионот управувал неговиот син Рустам. Тој откри дека неговиот син завршил пилотска академија во 2014 година, а се оженил пред неколку години.

Рустам Каримов (29)

– Отпрвин работеше за авиокомпанијата S7 и живееше овде во Перм. Кога започна пандемијата, тој остана без работа – изјави таткото на загинатиот пилот за 59.ru.

Тој наведува дека Рустам повторно останал без работа со почетокот на војната во Украина, а дури неодамна почнал да работи во компанијата која го поседувала авионот што се урна.

-Таа работа ја најде пред три месеци, а пред само два месеци се пресели во Санкт Петербург. Пред летот и се јавил на мајка си и и рекол дека оди на пат – вели Шукур.

Тој тврди дека Рустам не можел да знае кои се неговите патници во летот, а особено не дали меѓу нив бил и Евгениј Пригожин.

– Како може да знае кој е на списокот на патници, бидејќи е само пилот – рече Шукур.

Стјуардесата Кристина била единствената жена во авионот

Меѓу патниците посебно внимание привлекува единствената жена која била во авионот, стјуардесата Кристина Распопова. Нејзините фотографии, откако беше објавено дека е меѓу загинатите патници, се шират на социјалните мрежи.

Кристина Распопова (39)

Во моментот на смртта имала 39 години. Се вработила во компанијата МНТ Аеро, работела со договор, а била задолжена и за приватни летови. Непосредно пред падот на авионот, таа се пожалила на семејството за доцнењето на летот. Во средата наутро таа на социјалните мрежи објави фотографија од појадокот и куферот со зборовите „Кабина“.

Инаку, таа е сестра на заменик-обвинителката од Јеманжелинска, Евгенија Распопов.