Животот на самохраната мајка на шест-годишно дете, Емилија Пешева (29), и беше одземен од страна на нејзиниот партнер Ф.З.(25) на почетокот на ноември годинава, откако првин започнал да ја тепа, а потоа ја задавил во напуштен објект во Штип. Потоа, како што информираа од МВР, самиот се пријавил во полиција.
Но, семејството на Емилија вели дека освен за делото убиство, за кое пред неколку дена Основното јавно обвинителство Штип понесе Обвинителен акт, тој требало да се товари и за уште едно дело – разбојништво.
Вујкото на младата жена, Есад Сала, во разговор за ,,Фокус” открива дека кога обвинетиот ја повикал Емилија на разговор, таа со себе имала околу 4.000 денари. Како што раскажува, тој со тепање и ги зел парите, потоа ја задавил, и заминал во казино. Во име на семејството бара доживотна казна без можност за помилување.
-Ни ја одзеде Емилија, нејзиното дете кое се уште нема полни седум години остана со сестра ми, со мајката на Емилија и целото семејство ќе се грижи за него. Не му кажуваме што се случи, му појаснуваме дека мајка му е на работа, бидејќи постојано ја бара. Ја прашува баба му зошто плаче, плаче и тоа и си ја сака мајката покрај себе. Како на едно дете, со кое зборови можеме да му кажеме дека таа е ѕверски убиена?
Како се објаснуваат такви работи, а да не го истрауматизираме за цел живот? Јасно ни е дека еден ден и тоа ќе се случи, ќе ја дознае вистината, и сето ова е премногу мачно за сите нас, вели вујкото.
Појаснува дека со обвинетиот имале проблеми со години наназад. Бил во врска со Емилија, и повеќе пати бил пријавуван за насилство над неа. Но, никогаш не завршил зад решетки поради тоа, туку бил во затвор поради друго дело, како што вели, поради кражба, и се вратил пред околу една година.
-Да го ставеа зад решетки уште првиот пат кога беше пријавен за насилство, немаше ова да се случи. Имавме една слична ситуација и пред повеќе години, јас тврдам дека тоа беше обид за убиство, тој до толку бил насилен со неа, дури и гасел цигари од нејзиното тело, во ужасна состојба ја остави. Беше пријавен и тогаш, а и три-четири пати потоа, кога ја тепаше и малтретираше.
Во ноември, кога ја уби, претходно со тепање и ги зел парите, а откако ја убил, имаме сознанија дека првин заминал во казино. Очигледно ги изгубил парите таму, па дури потоа отишол да се пријави во полиција.
Таа примаше социјална помош, од таму и беа приходите. Бараме јавноста и институциите да го слушнат нашиот глас, да му се суди за убиство и за разбојништво и никогаш да не излезе на слобода. Тој е опасен човек на кого местото не му е слободно да се шета низ градот, вели Есад.
Додава дека бараат правда и се надева дека институциите ќе го слушнат апелот на семејството, дека ќе му одредат максимална казна, не само поради нивната трагедија, туку и како поука за сите кои вршат насилство над жена, кое неретко се случува и да заврши со фемицид.
Од Основното јавно обвинителство Штип во понеделникот известија дека е поднесен Обвинителен акт против него, за кривично дело – Убиство согласно член 123 став 2 точка 2 од Кривичниот законик. Затворските казни за ова дело се движат од десет години до доживотен затвор.
Според Националната мрежа ,,Глас против насилството” само два проценти од насилството се пријавувало. Причина за тоа била недовербата во системот, но и несоодветно направени проценки на ризик од страна на институциите.