Возачот Љупчо Зафиров е еден од загинатите во страшната автобуска несреќа во Бугарија, во која животот според официјални извори го загубија 44 лица, а седуммина се повредени.
Долгогодишниот планинар Игор Смилев за Фокус со голема тага раскажува за неговото пријателство со Зафиров, кој долго време соработувал со планинарските друштва при организацијата на тури.
„Љупчо беше намачена душа. Срце-планина, личност што знаеше да помогне и во најтешките мигови. Сопругата го напушти, му зеде сѐ, а тој почна од „нула“ повторно да се издига од пепелта. Планинарската фела изгуби еден огромен другар, врвен професионалец“, раскажува Смилев.
Неговото планинарско друштво 90 отсто од турите го имало Зафиров како возач, а Смилев има само пофални зборови за неговата стручност и професионализам.
„Секогаш се трудеше да ни угоди и безбедно не носеше на планина и не враќаше дома. Честопати знаеше и да ја спушти цената, кога ќе видеше дека пет-шест луѓе го откажале патувањето. Ми велеше: Абе Смилев, ти вака ќе дадеш пари од твој џеб. Дај илјадарка помалку“, додава нашиот соговорник.
Кога ја слушнал веста за трагедијата, нашиот соговорник имал многу лошо претчувство, а штом дознал дека Зафиров е меѓу загинатите, бил шокиран. Еден момент посебно го мачи планинарот.
„Љупчо ми ѕвонеше пред четири-пет дена, но јас не успеав да му се јавам. Обично тоа го правеше штом дојдеше во Велес, па пиевме кафе во некој локал. Сега ми е многу криво што не му се јавив. Никогаш нема да дознаам зошто ме барал. Премногу сум тажен, бар да му се јавев, можеби ќе променев многу работи“, вели Смилев.
Човекот безбедно нѐ носеше и нѐ враќаше дома, а јас немам ниту една фотографија со еден од најзаслужните луѓе за сите организирани тури“, со жалење кажува Смилев.