Напаѓачите што вчера ги нападнаа контролорите на летање во контролната кула на скопскиот аеродром вечерва со лисици на рацете ги донесоа во Кривичниот суд и ги спроведоа пред судија на претходна постапка.

Обвинителството пред малку побара притвор за четворицата осомничени загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.

Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против осумте лица за вчерашниот упад во Македонската навигација. Тие, како што информира вечерва Обвинителатвото се товарат се кривичното дело загрозување на безбедноста во воздушниот сообраќај, за кое е предвидена затворска казна од најмаку 5 години.

За четворицата од осомничените кои се веќе лишени од слобода и се во скопскиот Кривичен суд, обвинителството бара судот да им одреди притвор, а по другите четворица се уште се трага.

„Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против осум лица за кои постои основано сомнение дека како соизвршители сториле кривично дело – Загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај според член 303 став 2 во врска со член 22 од Кривичниот законик“, се вели во образложението од Обвинителството.

Осомничените, се додава во соопштението, на 4 јануари, со заедничко дејствие на извршување, сториле кривично дело со кое ја загрозиле безбедноста на Меѓународниот аеродром „Скопје“, незаконски и со намера да извршат дело на насилство против лице ги попречиле услугите на аеродромот.

Со нивните дејствија, велат од Обвинителството, тие ја загрозиле безбедноста на меѓународниот воздушен сообраќај во момент кога во воздушниот простор над државава се одвивале 28 летови под контрола на М-НАВ, со што се осомничени дека извршиле кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку пет години.

Мерката притвор за осомничените, како што велат од Обвинителството, е побарана поради тоа што во конкретниот случај постои опасност од бегство, можност осомничените да влијаат врз постапката или да го повторат делото.