Сопственикот на кучето од расата мастиф што го уби детето во Пинтија е професионален одгледувач на кучиња од оваа раса, а како што самиот се преставува, и консултант за индустријата со канабис, објави порталот Независен.мк.

Неговите кучиња учествувале на изложби и добивале награди и сертификати, а тој е член на кинолошките друштва кај нас и надвор од Македонија.

Има регистриран бренд, но нашата регулатива не бара задолжителна регистрација за одгледувачница ниту пак има пропишани правила каде може да се размножуваат и кои раси кучиња, во колкав број и слично, а особено дали е дозволено одгледувачница особено со вакви кучиња да постои среде населба со деца. Кучињата пак што ги одгледувал биле во непосредна близина и на неговото малолетно дете.

Според она што може да се види од неговите профили, тој учествувал на многу натпревари и имал повеќе кучиња во исто време во куќата во која што живее. Кучињата што го нападнаа осумгодишното дете имале 12 години и другото шест месеци, а според законските прописи веднаш треба да се стават во 30-дневен карантин за да се испита евентуално постоење на беснило. Според последната информација, кучињата се уште се кај одгледувачот и се чека на Агенцијата за храна и ветеринарство и на Обвинителството да покренат постапки.

Активистите за заштита на животните одамна предупредуваат дека одгледувањето кучиња не е соодветно регилирано ниту пак се спроведува на терен тоа што постои како законски пропис во оваа сфера и дека нема никакви ограничувања кој може, каде и што да размножува во државата, што е една од причините и за големиот број на бездомни кучиња, а сега и за оваа трагедија која не би била можна да има построги правила.

Тука спаѓа и нерегулирањето на борбите со кучиња кое е вносен бизнис за одредени структури во државата, а како резултат се продуцираат агресивни и исфрустрирани кучиња кои кога ќе остарат ги оставаат на улица.

Сопственикот на англискиот бул мастиф вчеравечер веднаш бил повикан на информативен разговор во полициската станица. Извори од истрагата наведуваат дека семејствата на детето и на сопственикот на кучето биле први соседи и во добри односи.

Осумгодишното дете што беше изгризано до смрт во болница било однесено без знаци на живот. Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св. Наум Охридски“ за „Макфакс“ изјавил дека детето имало голема рана вратот и расекотина на главата.

„Вчера попладне во 17.22 часот во нашата клиника беше донесено осумгодишно дете со сериозни повреди во пределот на главата и вратот нанесени од каснување на куче. Во моментот на прием детето е без знаци на живот со проширени зеници и без срцева акција. Веднаш е направена реанимациска постапка, но за жал без успех. Големата рана на вратот, каде што минуваат главните крвни садови, довела детето да искрвави“, вели Љубен Арсенков, директор на Универзитетската клиника по хируршки болести „Св Наум Охридски“ за „Макфакс“.

📸

📸