Млад човек кој беше затрупан во песок откако падна во дупка на островот Бриби во Австралија, почина во болница. 23-годишниот Џош Тејлор почина вчера откако помина речиси една недела на апарати за одржување во живот по несреќата минатиот викенд.

Младиот човек минатата сабота отишол на кампување со семејството и група пријатели. Тој паднал со глава во дупка длабока 1,5 метар на плажата, за која се претпоставувало дека била ископана за да се пече свиња, а набрзо останал заробен под песокот. Службите за итни случаи биле повикани на местото на настанот, но не биле во можност брзо да реагираат со оглед на тоа дека сè се случило во оддалечен камп.

Пријателите и семејството на несреќниот млад човек очајнички се обидувале да го извлечат додека чекале да пристигнат спасувачките екипи. По извесно време успеале да го извлечат, но со учество на повеќе од 15 луѓе. Членовите на семејството потоа почнале да вршат CPR и пулсот на младиот човек бил вратен, пишува Sky News Australia.

Се огласија и родителите

23-годишникот мораше да биде префрлен со хеликоптер во болницата во Бризбејн, каде што беше примен на одделот за интензивна нега. Полицијата во Квинсленд потврди дека тој вчера им подлегнал на повредите во болница. Инспекторите тврдат дека „има многу луѓе кои биле присутни, а тие допрва ќе разговараат со полицијата“ за самиот настан.

Белинда и Питер Тејлор, родителите на Џош, потврдија во изјавата дека апаратот за одржување во живот бил исклучен неколку часа пред смртта на Џош бидејќи неговите повреди биле премногу тешки. „Тој се бореше колку што можеше и е најхрабрата личност што некогаш ќе ја запознаеме“, се вели во соопштението на семејството.

„Тој беше најдобриот син, брат, момче и пријател што сите можевме да го посакаме. Те сакаме и ни недостигаш секоја минута од секој ден. Збогум, додека повторно не се сретнеме“, додале тие. Со оглед на тоа дека истрагата е во тек, полицијата апелираше до сите што имаат снимки од надзорните камери од северниот дел на островот Бриби веднаш да се јават.