Неформалната група „На Точак“ сподели информација за чудо што се појавило во Тафталиџе. Станува збор за велосипедска патека на улицата „Лондонска“ која се протега помеѓу булеварот „Партизански одреди“ и улицата „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

„Лондонска“ е една од најфреквентните улици во овој дел од Карпош, а велосипедската патека беше ветувана десетина години. Оваа улица е една од најживите во цел Карпош. По неа се движат ученици од околните основни и средни училишта, луѓе кои пазарат на зелениот пазар во Тафталиџе или трите околни трговски центри, студентите кои живеат во студентскиот дом Гоце Делчев и илјадниците жители во околните згради и куќи.

Но, за жал лошата изведба на столпчињата кои се ставени на преголемо растојание придонесоа „чудото“ да трае само 24 часа, па вчера целата велосипедска патека беше окупирана со неправилно и непрописно паркирани возила.