ПРИШТИНА – Дваесет и четири часа откако беше уапсен Алил Демири, осуден на доживотна казна затвор за масакрот кај Смилковското езеро во април 2012 година, повторно е на слобода, потврди за Гласот на Америка на македонски јазик неговиот адвокат Бесник Бериша.
„Јас сум среќен бидејќи мојот клиент Демири е на слобода и со неговото семејство. Нема никаква законска пречка тој да не биде ослободен бидејќи не стори никакво кривично дело. Барањето за екстрадиција нема никакво влијание бидејќи по него веќе се имаат произнесено надлежните во Косово“, изјави Бериша.
Тој тврди дека Демири бил уапсен при рутинска сообраќајна контрола а не во заедничка акција на македонската и косовската полиција како што соопшти МВР.
„ Демири не беше уапсен во заедничка акција туку случајно. Пункт на косовската полиција констатираше сообраќање прекршок а во возилот беше и мојот клиент. Тој им го кажал идентитетот и фактот дека нема косовоско државјанство. Полициските службеници по проверката утврдиле дека по него е распишана меѓународна потреница и го задржаа“, тврди адвокатот Бериша.
МВР пак вчера соопшти дека станува збор за заедничка акција со косовските колеги за негово апсење.
„ Денеска (24.08.2023) полицијата на Република Косово, во соработка со македонската полиција, во Косово го лиши од слобода Алил Демири (38) врз основа на издадена меѓународна потерница од МВР на РСМ, баран врз основа на наредба на Основниот суд Скопје 1, за сторено кривично дело “Тероризам” предвидено по член 394 од Кривичен закон, во врска со петкратното грозоморно убиство кај Смиљковското езеро. Тој, според информациите добиени од косовската полиција, ќе биде изведен пред надлежен судија„, стои во официјалното соопштение на МВР.
Адвокатот Бесник Бериша е дециден дека неговиот клиент никогаш нема да биде екстрадиран во Македонија и дека тој не го сторил делото за кое е осуден.
„ Ова е политичка пропаганда во Северна Македонија бидејќи се обидуваат да ги убедат граѓаните дека косовските власти не сакаат да го екстрадираат мојот клиент. Да разјаснам, тој нема шанса никогаш да биде екстрадиран и тоа сакам сите во Северна Македонија да разберат бидејќи државата ги повреди неговите уставни права и го осуди за кривично дело кое не го сторил и за кое и вашиот поранешен премиер кажа дека не е виновен. Демири не е криминалец или терорист и е дискриминиран и мачен од властите“, изјави Бериша за Гласот на Америка на македонски јазик.
Ова не е прво апсење на Демири во Косово. Во март 2013 година Демири и Исмаиловиќ исто така обвинет и осуден на доѓивотен затвор за масакрот кај Смилковското езеро беа уапсени, а потоа и обвинети па првосилно осудени за нелегална трговија со оружје и откако ја издржаа казната беа пуштени на слобода.
Од министерството за правда информираат дека министерот Лога бил информиран од МВР за приведувањето на Демири и дека досега два пати побарале негова екстрадиција
„ Министерот за правда Кренар Лога во текот на вчерашниот ден беше известен од МВР дека лицето Алил Демири е уапсено во Косово.Надлежниот суд сега е одговорен за текот на натамошната постапка. За лицето Алил Демири побарани се две екстрадиции. Прв пат од Република Косово е побарана екстрадиција на 15.03.2013 година. Барањето за екстрадиција беше одбиено со пресуда на Основниот суд во Приштина од октомври 2015 година , потврдено и од Апелациониот суд на Косово јануари 2016 година. За Демири има официјален одговор од Косово во февруари 2016 година. Екстрадиција повторно е побарана на 05.09.2018 година. Во постапките , се што беше побарано од косовските власти беше доставено. Одговор за екстрадицијата од 2018 не е добиен“, соопштија од правда.
Масакрот кај Смилковското езеро беше извршен на 12 април 2012 година на Велики четврток. Ладнокрвно беа егзекутирани четворицата матуранти: Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски, Кире Трпковски како и Борче Стевковски кој беше во непосредна близина.
Случајот го доби името „Монструм“ а обвинети беа пет лица. Алил Демири и браќата Агим и Африм Исмаиловиќ беа осудени на доживотен затвор, Фејзи Азири беше осуден на 15 години затвор а Хаки Азири на девет години. Петообвинетиот Сами Љута беше ослободен од обвинение.
Откако во 2017 година Врховниот суд го врати предметот „Монструм“ на почеток случајот го превзеде Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и во повторениот судски процес во 2021 година казните беа потврдени и од Апелација.