Сања Вучиниќ од Никшиќ (24) за подгорички „Вијести“ изјавила дека цело време била свесна, а при слетувањето испаднала од автобусот. По 16 часот од Цетиње била пренесена во Клиничкиот центар на Црна Гора во Подгорица за понатамошна дијагностика.
Девојката раскажала дека седела на десната страна во средината од автобусот и дека гледала во телефонот кога удриле во банкината.
– Го слушнав крикот на патниците и тогаш паднавме. За време на падот испаднав, навистина не се сеќавам како излегов од автобусот. Успеав сама да излезам од провалијата на патот, изјави Сања Вучиниќ.
Таа околу 10 часот утрово со автобус на фирмата „Паповиќ“ од Никшиќ тргнала кон Будва, каде попладнето требало да дојде на работа во хотелот „Медитеран“.
– Имав два дена одмор и ова се случи на враќање, рече таа. Најмалку две лица загинаа, додека неколку лица се повредени во сообраќајката што се случи на патот Цетиње-Будва.
Како што потврдија од „Вијести“, автобусот слетал на релација Обзовица – Брајиќ. Првичните податоци на полицијата покажуваат дека во автобусот имало меѓу 30 и 35 патници, но за среќа немало деца. Возачот на автобусот е приведен во полиција.