Поранешната олимпијка во уметничко лизгање Александра Пол загина во страшна сообраќајна несреќа во вторникот во Канада, додека во автомобилот бил и нејзиниот син. Таа имаше само 31 година.
УДРИЛ ВО КОЛОНА АВТОМОБИЛИ – Александра била во едно од седумте возила удрени од камион кој изгубил контрола и поминал низ градежна зона во градот Мелантон. Камионот наводно не успеал навреме да забави пред да удри во низа автомобили веднаш по 15 часот, објави канадскиот печат.
10-месечниот син на Александра, кој бил на седиштето на автомобилот, за чудо ја преживеал несреќата и со повреди кои не се опасни по живот, бил пренесен во блиската болница. Смртта на Александра била констатирана на местото на настанот. Во несреќата се повредени уште три лица, меѓу кои и 67-годишна жена која со тешки повреди со хеликоптер била пренесена во болница. Против возачот на камионот засега не е покренато обвинение.
ЗОИ ВО СОЧИ 2014 ГОДИНА – Александра ја претставуваше Канада, заедно со нејзиниот партнер и сопруг Мичел Ислам, на Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година, каде што се пласираа на 18-то место во мешан танц на мраз. Заедно со лизгање почнаа во 2009 година.
Тие се пензионираа во 2016 година откако освоија бронзен медал на натпреварот во Америка. Тие се венчаа во 2021 година, а во 2022 година го добија синот Чарли.