Уште еден осомничен за киднапирањето и убиството на Вања Ѓорчевска е донесен во Кривичниот суд. Тој беше спроведен од повеќемина полицајци, преку подземните гаражи. Судија на претходна постапка ќе треба да одлучи дали ќе му се одреди притвор.
Засега неговиот идентитет не е познат. Претходно, беше спроведен уште Велибор Манев, кој неофицијално, признал соучесништво во убиството.
Кој е идентитетот на осомничените за убиството на Вања?
Љупчо Палевски познат и како Палчо е осомничениот кој според истрагата, стои зад двојното убиство извршено во Велес (каде е убиен 74-годишниот фризер Панче Жежовски)и во Скопје (каде е убиена 14-годишната Вања Ѓорчевска). Палевски е недостапен и најверојатно отпатувал од државата. МВР и обвинителството не ги соопштија иницијалите и возраста на осомничените, иако вообичаено постојано ги соопштуваат, особено полицијата во своите известувања до јавноста.
Палевски има десничарска проруска партија во Македонија, се занимавал со градежништво, а по меѓународна потерница распишана од Хрватска беше во екстрадициски притвор во Белград. Имаше и свој поткаст.
Меѓу осомничените е и штипјанецот Влатко Кешишов, тој е приведен и уапсен. Трет осомничен е Велибор Манев, кој исто така е приведен. Притвор се бара и за третиот приведен Боре Видевски од Велес, тврдат извори на Телма од истрагата.
Осомничените имале блиски релации со Палевски-Палчо преку минорната радикална „Десна партија“ и на нивните фејсбук профили имаат заеднички фотографии со Палевски.
Палевски според она што може да се види на неговиот ФБ профил имал објави секојдневно освен на 27-ми ноември, кога според истрагата е извршено киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања.
Во полициска станица е и таткото на Вања, Александар Ѓорчевски кој е на распит и е повикан денеска. Полицијата првично приведе 5 лица, но две од нив се ослободени, а за тројцата се бара притвор. Не се објавени ниту возраста ниту иницијалите. Едно лице е во бегство и недостапно.
Киднапирањето на Вања се случило околу 7:30 часот, а е пријавено еден час подоцна од мајката. Убиството, според соопштението на МВР и Обвинителството, кое се повикувана распит на осомничен е извршено два и пол часа по грабнувањето (90 минути по пријавеното исчезнување) односно околу 10 часот на 27-ми ноември.