Регионалниот лидер на регионот Харков, Олег Синегубов, во вторникот изјави дека руски ракети го погодиле центарот на вториот по големина украински град, вклучувајќи ги станбените области и зградата на градската управа, на шестиот ден од руската инвазија на Украина.

Злото, вооружено со ракети, бомби и артилерија, мора веднаш да се запре, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во ново видео на Фејсбук во кое го коментира нападот врз Харков.

– Злото мора економски да се уништи. Мора да покажеме дека човештвото е способно да се заштити себеси, рече Зеленски.

Тој изјави дека Русите знаеле каде пукаат.

– Руските сили денеска брутално го гранатираа Харков. Ова е воено злосторство. Мирно место, мирни граѓани. Без воени објекти. Ова е намерно уништување на луѓе, рече украинскиот претседател.

– Поради ова злосторство дефинитивно ќе оди пред Меѓународниот суд на правдата. Ова е кршење на сите конвенции. Никој во светот нема да ви прости што убивте мирни Украинци, рече Зеленски.

Министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба претходно побара дополнителни меѓународни санкции против Русија по, како што рече, „варварскиот“ напад на градот Харков.

– Варварски руски ракетни напади врз централниот Плоштад Слобода и станбените области на Харков. Путин не може да ја скрши Украина. Од бес, тој врши повеќе воени злосторства, убивајќи невини цивили. Светот може и мора да направи повеќе. Зголемете го притисокот, целосно изолирајте ја Русија, напиша Кулеба на Твитер објавувајќи видео од нападот.