Околу 22 часот и 30 минути во саботата вечера во еден од најфреквентните делови на населбата Чаир бил опожарен автомобилот на Африм Реџепи, командир во затворот Идризово, објави телевизијата Клан Македонија.

Автомобилот е целосно уништен и не може да се поправи. Реџепи, како што пренесува Клан Македонија, е на мислење дека причина за палењето на неговиот автомобил би можеле да бидат несогласувањата што ги имал со затворениците.

– Имам несогласувања со некои затвореници во затворот Идризови, бидејќи мојата работа ја извршував со чест и максимален професионализам. За тие што ме познаваат, знаат дека сум професионалец и не сум корумпиран или криминалец. Јас го спречив злосторството и затоа ми ја направија оваа штета, изјави Африм Реџеп.

Африм Реџепи повеќе не се чувствува безбеден, па дури и размислува да ја напушти државата.

– Како службен полицаец мислам дека кога овде ни се палат автомобилите, мислам дека е нарушена безбедноста на државата. А што е со обичните граѓани? Јас немам личен проблем, имам институционален проблем. Во овој момент е нападната институцијата, а не Африм. Не сум само јас, туку целото семејство. Тоа ги загрижи моите деца, моите родители, па мислам дека навистина треба добро да се анализира длабински дали ќе продолжам со работата или ќе ја оставам, изјави Африм Реџепи.

Предметниот случај го потврдуваат и од МВР.

„На 15.04.2023 година во СПБ-Скопје, лицето А.Р од Скопје пријавило дека неговиот автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки бил запален на улица „М.Митревски“. Пожарот е изгаснат, нема повредени. Направено е вештачење и се работи на расветлување на случајот“ – велат од МВР.

Сторителите, како што пренесува КланМ, делото го направиле во време кога има големо движење на граѓаните во овој дел на Чаир, автомобилот бил паркиран во близина на булевар што го поврзува Чаир со Бутел и Шутка.

– Во 22:30, сред Чаир му ја запалија колата и си заминаа како господа… Страшно е кога ќе помислиш колку комотно им е на криминалците во оваа држава. Во време кога сите се будни, на локација која што е многу фреквентна “собрале храброст“ да го сторат оваа дело, и тоа зборува многу колку се замараат дали има или нема полиција на таа локација. Не е опожарено возило на обичен граѓанин туку на полицаец.
Оваа држава не остави само со две опции: 1. Стани криминалец, создај финансиска моќ затоа што со малку пари можеш да го поткупиш обвинителот, судијата, спокојот, општествениот статус и почита. 2. Визи нема, процедурите за добиеш работна виза се олеснети… Бегај од оваа држава!, напиша на социјалните межи новинарот Фуркан Салиу.