Перо Угарковиќ од Институтот за океанографија и рибарство во Фејсбук групата „Живиот свет на Јадранското Море“ објави дека во последните неколку дена во Јадранот биле фатени два примероци на инвазивни огнени риби.
– Во Јадранот штотуку е уловена уште една инвазивна отровна риба (Pterois miles). Ја улови Вања Калезиќ на Луштица во Црна Гора, уловот ќе биде пријавен во нивниот Институт во Котор. Мојата прогноза е дека летово ќе имаме најмалку 10 вакви извештаи на подрачјето на јужното Јадранско Море, напиша во вторникот Угарковиќ.
– Готово е, Јадранот е нејзиното море! Не требаше долго да чекаме за уште еден пријавен улов. Повторно на Луштица. Заедно со таа слика на Данијел Ѓорѓевиќ, оваа е трета што ја знам оваа година. Предвидував минимум од 10 примероци во 2024 година, но се чини дека ја потценив брзината на нивното ширење, објави тој само еден ден подоцна за новиот улов.
Овој вид првпат беше забележан на Јадранот пред пет години
Минатата година Институтот за океанографија и рибарство објасни за каква риба се работи. Ватрењача, позната како ѓаволска огнена риба или обична риба-лав е инвазивен индо-пацифички вид познат по штетноста за локалните екосистеми. Се храни со автохтони видови риби и брзо се шири низ Медитеранот.
На телото има отровни боцки кои предизвикуваат силна болка при пецкање. Постои можност за појава на посериозни симптоми, па затоа се препорачува посета на лекар во случај на убод. Затоа, се препорачува внимателен пристап кон оваа риба, особено во случај да се фати за време на риболов.
Интересно е што отровот во боцките е термолабилен, што значи дека може да се неутрализира со топлина. Најдобар метод е веднаш по убодот местото да се држи во вода на температура од 40-45 степени Целзиусови 30-90 минути.
Видот за прв пат беше забележан во Јадранското Море во 2019 година, а најсеверното откритие беше во близина на Вис во 2021 година. Се предвидува дека овие рибисе почесто ќе се појавуваат во нашиот регион. Најчесто може да се види во близина на подводни гребени и на помали длабочини достапни за подводни рибари и рекреативни нуркачи. Инаку има одличен вкус и може да се конзумира, пишува Индекс.хр.