Полицијата во Лозница (град во југозападна Србија) уапсила тројца дрски крадци кои за време на божиќните празници во Лозница и околината краделе странски таблички од возилата на гастарбајтери, па од сопствениците барале 300 евра за да им ги вратат регистарските таблички!

Арогантните крадци се товарат за кражби и изнуда, а се уште се утврдува колку гастарбајтери морале да платат откуп за табличките за да ја избегнат комплицираната процедура за пријавување кражба и да можат да се вратат во странство, каде што живеат, без какви било проблеми.

Паднале во заседа

Според полицијата, зад решетки завршиле Ф.К.(20), Љ. Л.(29) и А.Ѓ. (21).

– Од досегашната истрага е утврдено дека осомничените украле регистарски таблички од најмалку пет возила сопственост на гастарбајтери од кои за тие регистарски таблички барале откуп од 300 евра. Разбојништвата се случиле за време на божиќните празници, на 7 и 8 јануари. Крадците ги извадиле регистарските таблички, па на автомобилите оставиле порака со упатство како сопствениците да ги контактираат за да ја вратат регистарската табличка, со откуп, објаснува за српските медиуми извор од полицијата.

Според него, крадците сметале дека сопствениците на странски возила нема да пријават кражба на регистарски таблички во полиција и ќе сакаат по кратка процедура за 300 евра да си ги вратат назад.

– Знаеја дека голем број гастарбајтери веднаш по Божиќ треба да се вратат во странство и дека попрво ќе платат 300 евра за откуп отколку да се занимаваат со комплицираната процедура за пријавување кражба на регистарски таблички и добивање документација со која би можеле да ја поминат границата. Но, кражбата ја пријавил еден гастарбајтер и на крадците им била подготвена заседа, па тие биле уапсени. При апсењето кај осомничените биле пронајдени три украдени регистерски таблички кои им биле вратени на сопствениците, рекол изворот.

На уапсените во полиција им е одредена мерка притвор до 48 часа, по што ќе бидат спроведени на распит во Основното јавно обвинителство Лозница. Тие се товарат за сторени кривични дела кражба и изнуда.

Казната е клучна

Дамир Окановиќ од Комитетот за безбедност во сообраќајот вели дека ова е прв ваков случај во Србија и дека реакцијата на надлежните мора да биде брза и остра за никој да не помисли да го направи истото со гастарбајтерите и странците.

– Постапувањето на судството во овој случај е исклучително важно, бидејќи ќе испрати јасна и предупредувачка порака до сите кои би сакале да заработат на овој начин. Ако казната е блага, тоа ќе биде порака, не само до овие крадци од Лозница, туку и до другите да го прават ова во иднина, предупредува Окановиќ.

Ги чека повеќегодишна робија

На уапсените крадци од Лозница им се заканува повеќегодишна затворска казна. Според Кривичниот законик на Србија, за кривичното дело кражба се заканува парична казна или затвор до три години, но за изнуда е предвидена многу построга казна. Бидејќи во конкретниот случај организирана група е осомничена за изнуда, им се закануваат затворски казни од пет до 15 години.