– Плата 160.000 динари (околу 85.000 македонски денари), работа во две смени, секој втор викенд слободен и бесплатен оброк, а може и два по договор. Мајстори за бурек, јавете се – вака гласи огласот на сопственик на пекара во Панчево, кој повеќе од два месеци не може да најде работник, поточно мајстор за бурек. Иако условите за работа, ќе се согласите, се повеќе од добри, за два месеци колку што постои огласот, само еден кандидат контактирал со газдата Павле.

За жал, и единствениот кандидат по седум дена се откажал од потенцијалната работа бидејќи „условите не му одговараат“. Зошто е потешко да се најде пекар отколку игла во стог сено, дури и со плата од илјада и повеќе евра?

Водоводџија, молер, керамичар, автомеханичар, столар, пекар се само дел од професиите кои се многу барани во Србија, гледајќи ги дневните огласи, но работодавците мака мачат да најдат работници за овие позиции. Ова е искуството на Павле Сремчевиќ, попознат како газда Паја од Панчево, кој речиси две децении работи со пекара.

Пред повеќе од два месеци објави оглас во кој бара мајстор за бурек – огласот го ставил на вратата од пекарата, на бандерите во населбата и на автобуските постојки, но немало резултати. Никој не одговорил на огласот.

Затоа се огласил на социјалните мрежи. Се јавил само еден кандидат, но и тој се откажал бидејќи, како што изјави за Нова.рс сопственикот на пекарата, заинтересираниот млад човек сепак бил незадоволен од условите.

– Што да ви кажам освен дека сум шокиран, но навистина шокиран. Стварно не ми паѓаше на памет дека никој нема да работи за тие пари. Па, да ми понудел некој толку пари пред десет, дваесет години, немаше ни да отворам пекара, туку ќе работев за некој друг. Верувајте. Затоа што е тешко да се биде претприемач, а работник со ваква плата се исплати без разлика на се – истакнува соговорникот.

Тој додава дека просечната плата за пекарите почетници е меѓу 80.000 и 90.000 динари. Сепак, мајсторите за пециво се повеќе во согласност со искуството.

– Се работи за тоа дека младите денес нема да работат за ситни пари, макар и да не се мали. Што се однесува до оваа позиција што ја барам, станува збор за човек кој има искуство. И тој може да биде млад, бидејќи пекар се станува на 17-18 години. Ако напредуваш, учиш и работиш напорно, на 25 години можеш да бидеш бурек мајстор и да земаш плата поголема од илјада евра. Кандидатот кој се јави на огласот има работно искуство, но не сака да работи во две смени. Не знам што би правел, други работат и трета смена – посочува газда Паја.

Газда Паја не е единствениот пекар кој не може да најде работник. Да се ​​потсетиме на Драган Пајиќ од Степоевац, кој неколку месеци бараше слаткар.

Иако понудил плата од 1.000 евра плус бонус, за жал, на огласот се јавиле само несериозни и неискусни кандидати, а вистински немало.

– Во Белград е полесно да се најде пекар бидејќи овие луѓе постојано се движат низ градот, работат повеќе работни места. Тоа се луѓе кои се во пекара и можат да прават што сакате затоа што имаат знаење. Кај мене работи еден тип од Врање. Па, тој дојде од југ, и зошто? Затоа што платата на пекар таму е 50.000 динари, а овде основната е 1.000 евра. Задоволен сум од тоа, кај мене е година и пол. Има бесплатно сместување, не плаќа струја и вода. Не го чини ништо. И зема плата – рече тогаш Пајиќ.

Дека навистина нема работници за во пекара потврдува и Зоран Пралица, претставникот на Сојузот на пекари на Србија, кој предупредува дека има неколку причини зошто на Србија и недостигаат вакви луѓе.

– Платите на пекарите се движат од 80.000 до 180.000 динари. Имаме проблеми со мал број работници, особено во текот на летната сезона, бидејќи голем дел од нив одат во Црна Гора или Хрватска, бидејќи таму се подобро платени. Големи потешкотии создава и фактот што мал број деца се запишуваат во стручни школи за пекарство. Некои училишта веќе почнуваат полека да ги затвораат одделенијата за овие активности или да комбинираат пекари и месарници за да формираат паралелка. Многу училишта ја немаат потребната придружна опрема на која учениците би можеле да вежбаат, а ние како здружение спонзориравме и дониравме опрема на училиштата, за да имаат на што да учат – објаснува Пралица.