ЕМИР Џиновиќ, сопственикот на теретаната во која работел убиецот од Градачац Нермин Сулејмановиќ како фитнес тренер, дошол на местото на злосторството и го зел бебето, а сега повторно се огласи на социјалните мрежи.
– Се обидов, дадов сѐ од себе, си го ризикував животот, спасен е малиот ангел. Низама, мило ми е што те познавав, секогаш ќе ја паметам твојата насмевка, твојот глас ќе ми одекнува во мојата глава. Извини Низама, сите потфрливме. Алах да те однесе во рајот, жено, кралице – напиша тој.
Џиновиќ се огласи и претходно по злосторството во Градачац и изјави дека „го спасил бебето кое во локва крв било оставено на подот“.
– Да, го спасив бебето, беше на подот во локва крв. Сега е со мене, на безбедно е… Глетката беше морничава. Ја претепал својата несреќна сопруга до непрепознатливост. Се знаеме долго време, тој работеше за мене, никогаш немаше никакви проблеми. Не знам како се случи ова – изјави Џиновиќ.
Бебето завршило во болница во Тузла, каде му била укажана помош и било утврдено дека е неповредено, по што ќе биде предадено на социјалните служби.
Претходно, Џиновиќ се соочи со страшни закани на социјалните мрежи. Тој ја објави пораката што ја добил.
– Од вечерва на тебе е отворен ловот, само да знаеш – напишал човекот кој му се заканува.
Како што можеше да се види од објавената фотографија, му се заканува извесен Фехим Спахиќ, кој на Џиновиќ му испратил слика на која се гледаат пиштол и рамка со куршуми.