Бизнисменот јавно испорача сериозни обвинувања на адреса на поранешниот директор на Фондот за здравство, за кого „Фокус“ објави серијал на текстови, откако во 2020 година го отворивме случајот за нелегалните трансакции што на негова сметка легнувале од фирма регистрирана во Муртино, која пак се финансирала од австралиска компанија во сопственост на исти лица.
од Фокус 29.12.2023
Благој Механџиски, основач на веледрогеријата и синџирот аптеки „Зегин“, испорача сериозни обвинувања на сметка на поранешниот директор на Фондот за здравство Ден Дончев. Во емисијата „Во Центар“, Механџиски рече дека Дончев од „Зегин“ барал да му бидат исплаќани 25.000 евра секој месец.
-Ние одиме на печалба во Австралија, а тој доаѓа да печали тука од кадешто отиде на печалба. Тој дојде да краде овде. И тој уште кога дојде, на мојата директорка, кога отиде да договораат таму за лековите, и побара 25 илјади евра секој месец да му се носат – рече Механџиски.
Воедно, тој го прозва Дончев и во врска со набавките на маски за време на ковид-пандемијата, кога, според него, се давале пари за набавка на маски на фирми кои работеле во сосема други дејности. Во таа насока, спомена дека за маски фактурирала фирма за пелети.
-Дончев нека даде фактури колку плати маски и на кои фирми, дали имаат влезови. Јас знам фирма, човек, таа фирма има фактурирано, вика не дадов, ми платија. За време на Дончев, има давано фактури за маски… дрвна пелетара која прави дрвни пелети, фактурира и продава маски. Ова се факти, одете видете… – истакна првиот човек на „Зегин“.