Бундестагот донесе закон со кој на граѓаните им се овозможува поголема слобода при промена на презимето, на пример за време на брак или посвојување, пренесува dpa.
Во иднина, брачните парови ќе можат да делат заедничко презиме со „додавање“ презимиња, а истото важи и за децата, со или без презиме. Според сегашните прописи, само еден брачен другар може да преземе двојно презиме, а децата генерално не можат.
Закон за имиња
Германската влада сака да го промени законот за имиња за да има повеќе опции при изборот на презимиња. Во владиниот предлог се вели дека поразновидните животни реалности направиле тоа да биде неопходност: „На овој начин, го овозможуваме она што многу луѓе долго време го посакуваа“, изјави сојузниот министер за правда Марко Бушман за весниците на медиумската група „Функе“. Според него, двојките во иднина ќе можат заеднички да носат двојно презиме за да ја изразат „својата врска“. Засега тоа не е можно.
На децата, исто така, во иднина треба да им се дозволи да имаат двојно презиме. Тоа треба стандардно да стане и родено име на детето ако родителите не утврдиле претходно родено име. Во иднина, полнолетните деца во Германија треба да можат да го менуваат презимето на едниот родител со презимето на другиот родител. „Децата чии родители се развеле и посиноците лесно ќе можат да го променат името на мајката или таткото“, нагласува министерот за правда.
Новиот закон треба да ги земе предвид и посебните традиции за именување. Бушман како пример ги наведува малцинствата, како што се Лужичките Срби, Данците и Фризијците. Во иднина, Лужичките Срби ќе може да ги додава завршетоците „-oвa“ и „-инa“ за жени. Фризиското малцинство има нови можности да ја одрази својата традиција и потекло во изведените имиња – на пример презимето „Јансен“ ако името на таткото е „Јан“. Можно треба да биде и именување според данската традиција, која го зема предвид презимето на близок роднина. Спротивно на традицијата, како појдовна основа ќе може да се изберат и женските имиња.
Право на самоопределување
Далекосежни се и промените што ги носи Законот за самоопределување. Тој треба да го замени контроверзниот закон за трансродови лица. Во иднина, едноставна изјава доставена во матичната служба треба да биде доволна за да се промени записот за пол или име. Засегнатите треба да бидат заштитени и од несакано декларирање.
Министерката за семејство Лиза Паус во изјава за „Бајеришер Рундфунк“ ги бранеше планираните промени:
„Сега имаме ситуација која е неодржлива, која всушност е дискриминаторска за овие луѓе и која им поставува неразумни дополнителни пречки на патот. И тоа мораме да го промениме и го менуваме со овој закон за самоопределување.“
Лицата кои наполниле 14 години во иднина треба да може да го сменат своето име или запис за пол во матичната служба без да се консултираат со своите родители. За критиките дека старосната граница од 14 години е прениска, дури и ако сите треба да се изјаснат дека побарале совет, Паус аргументира дека, на пример, на 14 години можете да се одлучи и на која религија се сакате да се припаѓа: „Затоа тоа е едноставно во согласност со логиката на германскиот закон.“
Ополномоштеникот на владата за прашања на квир-заедницата, Свен Леман, ветува огромно олеснување за погодените. Поедноставената промена на родовиот запис „забележливо ќе го олесни и подобри животот на трансродовите, интерсексуалните и небинарните луѓе“, изјави тој за медиумската мрежа РНД. „Согласно законот за трансродови лица, државата сè уште ги третира како да се болни луѓето кои сакаат да го променат внесениот пол.“ Досега се потребни два психијатриски извештаи и судски налог за да се направат измените. Засегнатите често мораат да одговараат на многу интимни прашања. Многу трансродови лица сметаат дека постапката е понижувачка. Досегашниот процес исто така е критикуван како долг и скап.
Критиките доаѓаат од редовите на опозициските партии на Унијата (ЦДУ и ЦСУ): заменик шефицата на пратеничката група Доротее Бер за утринската програма на АРД побара воведување „обврска за советување“ надвор од семејната средина пред да се смени родовиот запис. Според неа, законот „не е добро обмислен од почеток до крај“ и „ќе доведе до многу проблеми, дури и во семејствата“. Според неа, и Унијата сака да избегне стигматизација.