Германскиот јавен сервис ЗДФ објави видео направено со дрон во емисијата Фронтал, на кое се гледа како наводно руски војници во предградието на Киев убиваат украински цивил кој се обидел да се предаде. ЗДФ наведува дека ова е воено злосторство. Снимката можете да ја погледнете најдоле во текстот.

ЗДФ Фронтал доби снимка снимена со дрон од анонимен извор во Украина, велат тие.

– Тоа беа две поединечни снимки, едната траеше две минути, другата речиси четири. Тоа што го прикажуваат е шокантно. Украински дрон за набљудување го снима автопатот Е40 неколку километри западно од Киев, пренесува ЗДФ.

Снимката е направена пред една недела

Видеото го прикажува моментот во раните попладневни часови на 7-ми март 2022 година.

– Северно од автопатот Русите презедоа контрола врз некои предградија на Киев. Тие напредуваа кон патот. Дронот ја доловува позицијата на руски тенк на неколку метри од бензинската пумпа, на резервоарот има еден од типичните бели идентификациски знаци на руските сили во Украина. Пред него: син автомобил, очигледно оштетен од куршуми. А во шумата во близина на тенкот: мали, но видливи силуети на вооружени војници – вака ЗДФ ја опишува ситуацијата.

Беше 16 минути по 14 часот кога дронот сними неколку автомобили.

Воено злосторство?

– Тоа не се воени, туку обични патнички автомобили, кои одат кон центарот на Киев. Можеби првите возачи забележале руски тенкови и се свртеле, но сребрено-сивата кола ја намали брзината и застана. Лицето со кренати раце го напушта автомобилот и веднаш е застрелано, по што паѓа пред автомобилот. Се чини дека руските војници се одговорни. Тие доаѓаат од нивните позиции на местото на злосторството. Може да се идентификуваат како руски војници со бели ленти – истакнува ЗДФ.

Германската телевизија потсетува дека според меѓународното кривично право е забрането пукање во цивили, особено во луѓе кои очигледно се предале. Со други зборови, видеото ни прикажува воено злосторство.

ЗДФ ја докажа автентичноста на снимката

Затоа, клучното прашање е дали снимката е оригинална.

– На крајот на краиштата, вистината е прва што гине во војната, а сите инволвирани страни користат пропаганда за свои цели. Сликите можат да бидат оружје – истакнува ЗДФ.

Тие успеаја да ја потврдат автентичноста на снимката од дронот. Наишле на човек кој им испратил видео, тој моментално се крие во подрум во главниот град на Украина.

Пред војната продавал електрични материјали. ЗДФ го знае неговото вистинско име и возраст, но решиле да не ги објавуваат од безбедносни причини.

Дронот кој го сними овој настан е Mavic III, кој има професионална филмска камера, но не е воена направа. Снимките содржат временски печат кој е автентичен.

Што се случи со жената и детето од автомобилот?

– Местото на злосторството може да се најде на Google Maps. Бензинска пумпа, соседна шума, куќа покрај автопатот – сè одговара. Не е тајна дека руските сили во тоа време го гранатирале блиското киевско предградие Ирпин – наведува ЗДФ.

Сликите од 7 март потоа покажуваат како руски војници влечат тело на маж од автомобил во ров.

– Со него патувале жена и дете. Подоцна, војниците ги носат во блиската шума. На снимките не се гледа што се случува со нив тогаш – забележува ЗДФ.