Во француските прекуокеанските територии вчера почна гласањето во вториот круг од претседателските избори, а според резултатите во Мартиник, Гвадалупе и Гвајана, Ле Пен победила доста убедливо.

Резултатите од овие територии ги објави белгиската RTFB, повикувајќи се на веродостојни извори.

Резултатите, без разлика колку е мал примерокот, се многу интересни. Имено, додека пред пет години Емануел Макрон беше супериорен во однос на Марин Ле Пен, сега ситуацијата речиси целосно е променета. Имено, на овие територии Ле Пен добила 60 до 70 отсто од гласовите, додека Макрон не успеал да премине ниту 40 отсто.

Француските медиуми не ги објавија овие резултати, бидејќи според законот, ниту еден медиум од Франција не смее да ги објавува изборните резултати од која било територија што и припаѓа на Франција до затворањето на гласачките места во земјата, што ќе се случи во повеќето општини во 19 часот, додека во поголемите градови како Париз или Ница гласањето трае до 20 часот. Секој медиум што ќе го прекрши ова правило ќе биде казнет со 75.000 евра.