Информациите за возраста на Јусуфа Мукоко, 20-годишниот напаѓач на Борусија Дортмунд, кој моментално игра како позајмен играч во Ница, предизвикаа големо внимание во јавноста во Германија, но и во цела Европа. Според информациите на „Билд“, тој најверојатно е четири години повозрасен од годината на раѓање која е наведена во официјалните документи.
Според документарецот на ProSieben, се тврди дека Мукоко не е роден на 20 ноември 2004 година, туку на 19 јули 2000 година. Неговиот „татко“, Џозеф Мукоко, во изјава под заклетва изјавил дека Мукоко не е негов биолошки син и дека за него бил набавен лажен извод на родени во Камерун. Потоа, преку амбасадата му била издадена патна исправа со која бил пренесен во Германија.
Џозеф Мукоко исто така навел дека тој и неговата сопруга, која работела за агенција поврзана со спонзорот на Борусија Дортмунд, примале редовни месечни приходи благодарение на фудбалската кариера на Мукоко. Јусуфа, пак, е носител на неколку рекорди во германскиот фудбал како момче кое беше прогласено за фудбалско чудо и со 16 години постигна огромен број голови.
Според „Билд“, германските власти и новинари не успеале да пронајдат никакви официјални документи за негово раѓање во 2004 година во Камерун, но пронашле документ за лице по име Јусуфа Мохамаду, роден на 19 јули 2000 година.
Директорот за комуникации на Борусија Дортмунд, Саша Флиг, изјави дека сите договори со клубот и репрезентацијата на Германија се потпишани врз основа на официјални германски документи кои сè уште важат. Овие документи се користат како доказ за возраста на играчот.
Ако овие тврдења се покажат како точни, тоа може да има сериозни последици за кариерата на Мукоко, но и за клубовите и репрезентациите во кои тој играл. Исто така, може да се покренат дополнителни истраги за веродостојноста на документите и потенцијалното нарушување на регулативите.