Генералното собрание на ОН ја суспендира Русија од Советот за човекови права.

–Деведесет и три земји денеска гласаа за суспендирање на Русија од Советот за човекови права на ОН поради злосторствата во киевското предградие Буча и други места во Украина.

Единствениот друг актуелен член на Советот за човекови права на кој му беше суспендирано членството беше Либија во 2011 година, кога силите лојални на Моамер Гадафи насилно ги разбија антивладините демонстранти.

Дваесет и четири земји гласаа против нејзиното суспендирање од Советот, додека 58 нации беа воздржани. Потребно беше двотретинско мнозинство. Воздржаните не се броеја.

Русија се закани со последици

Русија вчера се закани со последици доколку биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН

– Русија ги предупреди земјите-членки на ОН дека доколку гласаат „за“ или бидат воздржани во врска со барањето на САД да биде суспендирана од Советот за човекови права, таа ќе го смета за „непријателски гест“ што ќе има последици за нивните билатерални односи, се вели во нотата, во која денеска имале увид некои западни медиуми.

САД во понеделникот објавија дека ќе бараат Русија да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН, откако Украина ги обвини руските војници за убиство на стотици цивили во Буча. Генералното собрание на ОН, кое има 193 членки, утре ќе гласа за ова барање. Земјата може да биде суспендирана од Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева, поради грубо и систематско кршење на човековите права.

Руската мисија во ОН ги повика државите „да се спротивстават на антируската резолуција“. Засега не е познато колку земји ја примиле нотата. „Вреди да се спомене дека не само поддршката за оваа иницијатива, туку и еквидистантна позиција при гласањето – воздржување или неучество – ќе се смета за непријателски гест“, се додава во нотата.

„Покрај тоа, позицијата на секоја земја ќе биде земена предвид при развојот на билатералните односи и работата на прашања кои се важни за нив во рамките на ОН“, додаде тој. Руската мисија во ОН одби да го коментира писмото бидејќи не е јавно објавено.

Томас Гринфилд: Суспензијата на Русија е историски ден

– Амбасадорката на САД во ОН, Линда Томас-Гринфилд, по повод суспензијата на Русија од Советот за човекови права на ОН, на Твитер напиша дека ова е важен и историски ден.

„Земјите ширум светот гласаа за суспензија на Русија од Советот за човекови права на ОН“, објави таа.

„Колективно, испративме јасна порака дека Русија ќе сноси одговорност“, напиша Томас-Гринфилд.