Денеска во Рашче и Сарај се изврши погребот на четирите жртви од несреќата. Илјадници граѓани и соселани им оддадоа последна почит на четирите жртви кои паднаа во реката Вардар. Сите патишта денеска водеа до скопското село Грчец, каде што голем број луѓе беа дел од погребната церемонија.
Голема беше болката не само за семејствата на загинатите, туку и за сите присутни на оваа погребна церемонија. За секој случај таму беше и возило на Брзата помош. Јавни личности, локални жители и обични граѓани, дојдоа да им кажат последно збогум на четирите жртви од Грчец.
Оваа голема загуба го шокираше локалното население, но и цела Македонија, додека членовите на семејството објавија дека жртвите постеле и отишле кај своите роднини на ифтар, а враќањето се покажало трагично, објави ТВ Клан.
Дваесет и три годишната девојка со иницијали Н.А од селото Грчец го возела Аудито кое пред три дена излета од патот Сарај-Рашче и заврши во реката Вардар, информираа денеска од МВР. Кога автомобилот беше извлечен од студените води на реката во него имаше три женски тела. Подоцна и телото на 56-годишниот маж со иницијали А.А беше пронајдено.
– Во врска со сообраќајната несреќа од 02.01. 2025 година на локалниот пат Сарај – село Рашче во која што патничко возило марка „Ауди“ управувано од Н.А. (23) излегло надвор од коловозот и паднало во коритото на реката Вардар, на 03.01.2025 во 14:48 часот во коритото на реката Вардар, непосредно каде што беше извлечено ПМВ Ауди, беше пронајдено и безживотното тело на исчезнатото лице А.А., за што е запознаен надлежен ЈО.
Само 5-годишното момче ја преживеа несреќата, бидејќи излетало од возилото за време на падот и се спасило држејќи се за гранките. Меѓу загинатите е неговата мајка, тетка, баба и дедо. Детето беше пронајдено од локални минувачи, а се уште се наоѓа на Клиниката за детската хирургија.
Оттаму за Телма велат дека детето е стабилно и не е витално загрозено, но протоколарно останува на опсервација во болницата.
Од ОЈО за Телма велат дека се дадени наредби и понатаму се постапува во случајот и се работи на утврдување на причините за трагичната несреќа. Телата на загинатите претходно беа предадени на обдукција со цел утврдување на точните причини за смртта.
Потрагата ја отежнуваше студеното и магливо време, како и фрлениот градежен шут и ѓубре на речниот брег. Жителите кои ја набљудуваа потрагата во Вардар бараа да се фрли сол и на тој локален пат кој го користат оние кои поминуваат на територијата на општина Сарај.