Грипот продолжува да се шири низ Македонија, а бројките покажуваат значителен пораст на заболени. Изминатата недела починале двајца граѓани од Скопје и Свети Николе кои немале здравствени проблеми и не биле вакцинирани, објави телевизија Телма.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, пријавени се над три илјади случаи, што е за 61,7% повеќе од претходната недела. Во споредба со истиот период лани, бројот на заболени е речиси двојно зголемен.
„Најмногу заболени се од 15 до 64 години, а највисока инциденца регистрираме кај децата на возраст од 0-4 години. Најголем број од заболените се од Скопје, Кавадарци и Струмица. Вирусот бележи висока активност во неколку региони, што укажува на широко распространување“, соопштија од Институтот за јавно здравје.
Матичните лекари велат дека сè повеќе пациенти бараат лекарска помош поради висока температура, болки во мускулите, кашлица и малаксаност. „Грипот оваа година се шири брзо, па затоа е важно навреме да се реагира“, советуваат матичните лекари.
„Бројката на пациенти нормално е во пораст. Симптомите се доста интензивни и доста големи, како лепеза од симптоми. Главоболка, исцрпеност, температура и кашлица која е доста силна и продуктивна. Симптомите траат и повеќе од десетина дена“, изјави Бојан Трајковски, матичен лекар.
Според проценките, пикот на грипот се очекува кон крајот на наредната недела. Лекарите препорачуваат зголемена хигиена, избегнување контакти со заболени и навремено јавување кај доктор во случај на посериозни симптоми.