Холивудската актерка и претприемачка Гвинет Палтроу се појави во судница во Парк Сити, а пресудата за случајот од 2016 година се очекува следната недела.

Палтроу на 21 март, облечена во бел пуловер, со дискретна шминка и пуштена коса, пристигнала во судницата во Парк Сити, каде пред поротата започна судењето во приватната тужба што против неа ја поднесе доктор Тери Сандерсон, офталмолог, со кого во 2016 година се судрила на скијачката патека во Дер Вали.

Обвинителот тврди дека славната актерка го „собрала“ на патеката и дека тој од ударот и последователниот пад се здобил со повреди кои неповратно му го нарушиле квалитетот на живот и од неа бара отштета во износ од 3,1 милион долари. Според приложената медицинска документација, тој се здобил со повреди на мозокот, скршени му се четири ребра, а поради душевната болка и страдањето не може да продолжи со нормалниот живот.

Сандерсон понатаму тврди дека Гвинет Палтроу побегнала од местото на несреќата, бидејќи по судирот „станала и заминала скијајќи, што дополнително го шокирало Сандерсон кој повреден лежел во снегот на патеката“. Покрај тоа, се наведува дека инструкторот за скијање, кој ја придружувал актерката – но не го видел судирот на патеката – подоцна лажно го обвинил Сандерсон дека ја предизвикал несреќата.

Според правилата на ски-центрите во државата Јута, оние кои скијаат напред имаат предност, додека оние што доаѓаат зад нив со поголема брзина мора да внимаваат на нив и да ги избегнуваат. Сандерсон тврди дека Гвинет Палтроу се спуштала по патеката со неконтролирана брзина и дека воочи судирот ја слушнал како хистерично вреска.

Тужбата со барање за милионска отштета е поднесена во 2019 година, а судењето се очекува да трае осум дена.