Македонскиот актер, шоумен и пејач Игор Џамбазов живее на релација Скопје – Дојран. Покрај езеро е во поголемиот дел од годината, но штом дојде зимата, ете го Игорче назад во македоската престолнина, во неговата родна дома.
А како што велат во песните: „Само дома си е дома“ или „Само едно место на светот се вика дом“, па затоа маестро Џамбазов јуниор побрза да се врати во Скопје. Во меѓувреме обврските не чекаат, па мораат да се завршат… „Чат-пат“ приватните, а најмногу оние – професионалните…
А кога обврските ќе завршат, едвај чекаш да се вратиш дома, да се раскомотиш, опуштиш, седнеш, прилегнеш… Така и Игор „со трчање“ побрза да си дојде дома во својот стан во населбата Козле, но штом ја отвори вратата за малку ќе се дамлосаше. Го дочека невиден хаос, по кој не можеше долго да се опорави од шокот!
Зашто она што го затекна, секого би го распаметило или „извадило од чевли“, па некои би останале здрвени, некои би збеснале и полуделе, некои би врескале од избезуменост, а тој кутриот… Мирно и смирено, само ја вклучил камерата од мобилниот и тргнал со кадар од сликатана ѕидот, на која се тој и неговиот некогаш најверен, легендарен четвороножен другар, сега покојниот пес Бошко.
Но, веќе во следниот кадар Џамбазов покажа каков хаос дома затекнал. Една покондирена скопјанка „му го превртила наопаку“ и направила лом во станот на Игор Џамбазов.
„Е ова беше куче… Бошко Џамбазов… ѕвезда“! – носталгично се присети Игор гледајќи во урамената фотографија од постерот на ѕидот.
„Види ова… Гледајте… Гледајте ја ѕвездава од Дојран. Покондирена скопјанка. Хаос во населбата Козле…“ – со тажен монолог Игор почна да го опишува хаосот од искинати перници, расфрлани парчиња од расцепканиот тросед, распарталениот јорган… сликовито покажувајќи го хаосот што го направла неговата најнова пријателка, кучката Ферхунде!
Очигледно темпераментната дојранчанката тешко се снаоѓа во скопските четири ѕида, па целата енергија ја потрошила на урбана кучешка забава… Во „борба“ со мебелот, покуќнината, постелнината… Онака, од чиста досада!